10 начини да опремите мала кујна, така што ќе заборавите на нејзината големина
Малата кујна е многу честа реалност денес, особено во новите станови. Често пати архитектите заштедуваат на површина токму во делот за готвење.
Ви нудиме неколку корисни совети кои ќе ви помогнат да ги организирате малите кујни така што ќе добиете повеќе корисен простор и ќе го извлечете максимумот од само неколку квадратни метри:
Вградена бела техника и кујнски апарати
Вградете сè што можете: фрижидерот, микробрановата печка, рерната, машината за миење садови, па дури и машината за алишта (доколку немате место во бањата).
Елементи на извлекување
Често пати работната површина во кујната се користи ограничено. Затоа многу дизајнери нудат елементи на извлекување или преклопување. Сега дури има и цели маси на извлекување, а дури и мали работи како штици за сечкање. Во мала кујна секој сантиметар значи.
Полици и шини
Шините се тенки ленти кои се поставуваат над работната површина и служат за закачување на алатки во кујната коишто ги користите секојдневно или за кои немате место во кујнските ормарчиња. На шините можете да закачите и кутии со зачини, а дополнителните полици може да имаат и декоративна улога.
Рамка наместо врата
Направете рамка во влезот во кујната, но не поставувајте врата, ова визуелно ќе го прошири просторот во кујната. Доколку се плашите дека ќе се шири мирисот на храна, само ставете појак аспиратор, тој заштитува подобро од мириси од која било врата.
Осветлување
Одберете го она коешто најмногу ќе ви одговара, без разлика дали се скриени светилки зад вратичките во висечките елементи или вградени светилки. Исто така, насочените светла во стаклените висечки елементи не само што изгледаат добро, туку и визуелно го зголемуваат просторот.
Монохроматска палета на бои
Во мал кујнски простор ќе мора да се откажете од шарени плочки или елементи во силни бои. Држете се до едноставни линии и монохроматски палети, без разлика дали се мат или сјајни. Минимализмот визуелно го зголемува просторот.
Висечки елементи во кујната
Често пати на сопствениците на мали кујни им се препорачува да не се ставаат висечки елементи. Ние не се согласуваме, само поставете ги паметно и претпочитајте стаклени вратнички и отворени полици.
Плотна со две рингли
Доколку немате голема фамилија или не готвите 4 јадења наеднаш, најверојатно нема да имате ни потреба од плотна со 4 рингли. Две се сосема доволни.
Роло-завеси
Поставете роло-завеси наместо традиционалните тешки завеси. Ова ќе ви го ослободи просторот и полесно ќе може да ги соберете за чистење на прозорците или луфтирање.
Декорирајте интелигентно
Не откажувајте се од декорацијата, дури и ако имате многу малку простор. Сега се во мода плочки со дезен, користете акцентирање на мебелот со помош на текстил, обидете се, не е толку тешко.
(О)Милена | Црнобело