Како се менуваа кујните во последните 100 години?
Од едноставните дваесетти, преку лудите седумдесетти, па сѐ до денес – многу нешта се променија во дизајнот на кујните. А, особено кога е популарноста на боите во прашање.
Промената на боите во кујната во текот на изминатите сто години, кажува многу и за историјата, а не само за трендовите поврзани со ентериерот.
Во продолжение, ви откриваме како се менуваа кујните за време на секоја декада од последното столетие:
1920-ти години
Белата боја била главна во годините, кога шаренилото, кичестите украси и орнаментиката, односно општото претерување во декорот, престанале да бидат актуелни. Едноставноста и класиката станале доминантни.
1930-ти години
Наспроти дваесеттите години, триесеттите донеле мноштво бои во кујната. Нијансите на жолта, зелена и кафеавкаста, како и дезените со шари кои се повторуваат, можеле често да се видат во тоа време.
1940-ти години
Со оглед на тоа дека започнала Втората светска војна, многумина повеќе се грижеле за своите животи, отколку за декорацијата на ентериерот. Сепак, во Америка, во кујните завладеале патриотските бои, така што црвената, белата и сината станале доминантни.
1950-ти години
По завршетокот на војната, како што животот полека се враќал во нормала, така и пастелните бои се вратиле во кујната. Веселите нијанси, како ментол зелената, тиркизно сината и меко жолтата, завладеале во кујните ширум светот, за оптимистичното чувство повторно да биде присутно.
1960-ти години
Како што започнала сексуалната револуција и потрагата по спиритуална слобода, така и во кујната се вовлекла потребата за индивидуалност. Тоа се огледувало во креативната храброст, низ интензивно портокаловата, сината и зелената боја.
1970-ти години
Седумдесеттите продолжиле таму, каде шеесеттите години застанале, со нешто поизразени бои во земјен тон. Златната, кафеавкастата и зелената авокадо боја, често можеле да се затекнат во кујните од овој период.
1980-ти години
Осумдесеттите години биле помпезни и нападни по многу нешта, но не и кога се говори за уредувањето на кујната. Монотоните и досадни беж, кафеава, бела, како и бојата на праска, го преплавиле кујнскиот ентериер.
1990-ти години
Деведесеттите не се поместија многу од осумдесеттите години, иако се чувствуваше влијанието на кантри стилот. Боите на дрво беа доминантни, со обично бели подови, и по некој излет во вид на бледо зелена боја.
2000-ти години
Поекстравагантните материјали, како мермер и црешово дрво, почнаа да ги диктираат главните бои за кујната на почетокот од новиот милениум. Забележителна е комбинацијата на различни текстури и плочки, каде често темно сината или бордо црвената, знаеја да бидат главни.
2010-ти години
Напредокот на технологијата, но и враќањето на природните материјали, би можело да се каже дека доминираат во оваа декада. Се чини дека белата боја е повторно главна, бидејќи креира впечаток на шармантна минималистичка кујна, кадешто по некој дрвен елемент и зелена билка, сочинуваат убава естетска целина.
М. А. | Црнобело