Совети за организација на вашиот гардеробер
Го поминувате целиот ден во средување на гардероберот, а тој веќе за неполн ден повторно е растурен и со часови поминувате во барање на некое парче облека?
Многумина дури и не знаат што точно имаат во гардероберот додека не го преуредат целосно.
Кога се брзаме, неуредниот и неорганизиран гардеробер само ни ја отежнува работата и ни одзема дополнително време.
Доколку и вие се препознавте во овие неколку реченици, тогаш погледнете како можете да си ја подобрите организираноста во вашиот гардеробер:
Сортирајте
Извадете сè од вашиот гардеробер и одлучете која облека ви е приоритет, а која облека воопшто не сте ја ни облекле со години. Не се залажувајте дека некогаш повторно ќе ја облечете маичката што сте заборавиле дека ја имате, едноставно фокусирајте се на она што го носите и она што се поклопува со вашиот сегашен стил и вкус.
Место за чантите
Чантите умеат да зафатат голем простор од гардероберот, па затоа на еден ѕид од вашата соба поставете закачалка и закачете ги сите ваши чанти. На овој начин не само што ги заштитувате чантите, туку и секогаш ќе ви бидат при рака во мигот кога ви се потребни.
Организирајте според сезоната
Наместо да ви зафаќаат место, алиштата од зимската сезона за време на летото спакувајте ги во куфери, кутии или кеси за вакумирање и обратно. Колку повеќе простор оставате за сезонските алишта, толку повеќе уредност и прегледност ќе имате. Ослободете го гардероберот и обезбедете си простор.
Поделете ги полиците
Можете да ставите обични даски или нешто слично кое би ви помогнало да поделите една полица на повеќе сегменти. На тој начин вашите полици нема да се растураат ниту пак облеката ќе ви се меша секојпат кога ќе посегнете по нешто.
Категории
Облеката делете ја во категории за да не губите време во потрага. Така на пример, вашите фармерки нека бидат на едно место, здолништата на друго, фустаните на трето место...Штом ги поделите на овој начин, вашиот гардеробер нема да има потреба од чести преуредувања.
Искористете ги вратите
Вратите од гардероберите се исто така плус простор кој често забораваме да го искористиме. Направете си сами внатрешни мини полици кои директно ќе ги ставите на внатрешната страна од врата на гардероберот. Тука можете да ги сместите ремените, марамите и сите останати ситници кои се дел од вашиот секојдневен изглед.
Кога еднаш ќе го преуредите и организирате добро вашиот гардеробер, ќе бидете мотивирани за повеќе идеи за сѐ подобар изглед.