На гости кај Сандра: Стан со галерија во Скопје со доминација на зелената боја и тераса од 20m2 (фото)
- Детали
- сабота, 18 декември 2021
„За украсување на мојот дом преовладуваат цвеќињата како декор. Тие се живи суштества кои го оживуваат ентериерот на начин на кој ниеден друг декоративен елемент не би можел. И терасата ми е со многубројни цвеќиња и поглед кон Водно и Милениумскиот крст“, вели Сандра Ристеска (30) за уредувањето на нејзиниот стан во Козле.
Сандра Ристеска (30), по професија менаџер, со сопругот живее во стан со галерија во скопската населба Козле.
Омилено и е тоа што станот има голема тераса со поглед на Водно, каде обожава да ги минува топлите денови.
За уредувањето на ентериерот, Сандра открива за CRNOBELO.com:
„Заедно со сопругот овој проект за уредување го започнавме со ангажирање на архитект.
Тој го проучи просторот што го има на располагање и се обиде да ги усогласи нашите желби со она што всушност може да се постигне.
Според мене идеално место за опуштање и уживање во секој дом е дневната соба. Поради тоа од голема важност беше да се уреди на уникатен начин, вклучувајќи елементи кои даваат чувство на пријатност и комфор.
Бидејќи и двајцата сме големи љубители на природата, таа и ми е најголема инспирација, па затоа преовладува зелената боја.
Зелената боја најмногу делува смирувачки со чувство на сигурност што според мене претставува идеална боја за внатрешен дизајн.