На гости кај Христијан: Дворче со летниковец, скара и базен во Куманово за совршени мигови (фото)
- Детали
- сабота, 11 септември 2021
„Големо задоволство за мене и мојата фамилија претставува тоа што скоро сè имаме изработено сами. Од ништо направивме вистинско катче за релаксација со сијалички, лулашка, скара и базенче – тоа е нашето место за мир и релаксација“, раскажува 26-годишниот Христијан од Куманово.
Христијан Маџовски (26) работи во банка, а во слободно време постојано смислува некои проекти за уредување на ентериерот во неговиот дом. Омилено му е да го уредува надворешниот простор.
Тој има совршено уредена тераса, а сега одлучи да си направи совршено катче и во дворот од неговата семејна куќа во Куманово.
Вели дека својот двор, зеленилото и летниковецот не би ги менувал за ништо на светот.
За уредувањето на омиленото катче од домот, тој споделува за CRNOBELO.com:
„Навистина сакам да уредувам катчиња за релаксација дома, па креативноста и ова лето не изостана. Заедно со родителите одличивме да го реновираме задниот двор од нашата семејна куќа во Куманово.
На само еден километар од центарот на Куманово, направивме вистинско место за прекрасни релаксирачки мигови и уживање. Можам да си дозволам да кажам дека си го нарекуваме нашиот мал рај.
Комбинацијата од дрво, цигли и интересни детали, овој мал летниковец го прават место за целодневен престој, или место во кое сите што имаат дојдено се вљубиле на прв поглед.
Фамилијарните ручеци, приготвени на скарата, се нешто што останува за цел живот во нашата меморија.