На гости кај Дарко Петковски: Уникатен стан во Скопје со урбана нота и темни тонови (фото)
- Детали
- сабота, 13 март 2021
„Љубител сум на минимализмот, темните бои и тонови, индустрискиот стил и урбаниот модернизам, и сите овие стилови и правци успешно ги вклопив при уредувањето“, вели Дарко Петковски за својот дом.
Дарко Петковски, фризер, минималист, љубител на едноставноста, спонтаноста, геометријата, темните бои и тонови, перфекционист и креативец живее во стан во Скопје, во чие уредување вели дека се пресликани сите карактеристики на неговата личност.
Уреден модернистички, со урбана нота и доминација на црната боја, станот на Дарко навистина е нешто поинакво.
За уредувањето на неговиот дом тој открива за CRNOBELO.com:
„Ова е првиот стан во кој живеам сам, така што максимално се вложив како би го направил совршено место за релаксирање, со оглед на фактот што сум во дефицит со слободно време, сакав домот да ми овозможи чувство на безгрижност и тотално уживање.
Иако се во прашање 56 метри квадратни, предизвикот како да се распореди сè и притоа да е функционално и естетски одржливо беше голем.
Меѓутоа од самиот почеток на целиот процес имав конкретна и јасна визија за тоа што сакам: отворен простор, светлина, акцент на детали, екстремна едноставност комбинирана со функционалност, чисти линии, едноставни структури.
Љубител сум на минимализмот, темните бои и тонови, индустрискиот стил и урбаниот модернизам, и сите овие стилови и правци успешно ги вклопив при уредувањето.
Омилен дел ми е дневната соба, каде минувам и најголем дел од времето кога сум дома, а сметам дека токму дневната е просторот каде најдобро се искажува стилот.