На гости кај Ангелина и Перо Митаноски: Новогодишна магија во семејна куќа во Дојран (фото)
- Детали
- вторник, 15 декември 2020
„Новогодишното уредување кај нас е посебна приказна. Се кити и уредува цели два дена, а потоа по желба додаваме и менуваме украси и предмети. За да се декорира убаво не се потребни само украси, лампиони и светилки, туку потребно е да вложите дел од својата душа“, вели Ангелина од Дојран.
Ангелина Митаноски, по професија е забен протетичар, вљубеник е во естетиката, а тоа се гледа и во уредувањето на нејзиниот дом во Дојран, каде живее со сопругот Перо и синчето Алек.
Таа вели дека сака сè што предизвикува позитивни емоции, па не е чудно што во нејзиниот дом владее вистинска новогодишна магија.
Домот на Ангелина и Перо дефинтивно е еден од најубаво новогодишно украсените домови во Македонија.
За уредувањето и китењето на домот Ангелина открива за CRNOBELO:
„Уште кога започнавме со изградба и уредување на домот во 2018-та година, со сопругот знаевме дека сакаме ентериерот да биде уникатен, специфичен. А според мене, во уредувањето на домот нема ништо подобро од модерен – рустикален стил. Двајцата го обожаваме ретро стилот, тој никогаш не излегува од мода, а му дава неверојатна топлина, убава енергија и позитивни ноти на домот.
Нашата семејна куќа се наоѓа на главната улица во центарот на Нов Дојран, сопругот, Перо Митаноски кој по професија е новинар, познат е по пасијата за уредување во домот, а особено по неговата страст за декорации. Додека пак новогодишното украсување ни претставува големо обострано задоволство.
Често добиваме прашања од типот – зошто толку се трудиме околу новогодишните декорации или пак која е поентата од толку вложена енергија за така краток период?
Мојот одговор секогаш е дека пред сè, нам тоа ни претставува задоволство, а не задолжение.
За да се декорира убаво не се потребни само украси, лампиони и светилки, туку потребно е да вложите дел од својата душа и сè што правите да правите од срце, затоа што верувајте кај декорирањето тоа се забележува.