Дом што зрачи со смиреност: На гости кај Магдалена Костовска од Скопје (фото)
- Детали
- вторник, 28 јули 2020
Доминација на белата боја, многу цвеќе и давање „нов живот“ на стари парчиња мебел, како што е дрвената клацкалка стара 50 години... Во домот на една 30-годишна креативна скопјанка.
Магдалена Костовска (30) е дипломиран преведувач, но и вљубеник во уредување на ентериерот, па токму затоа нејзиниот стан во Скопје изгледа како една хармонична целина во која е задоволство да ги минуваш деновите.
Со неа проговоривме на тема од каде идејата за уредувањето на просторот:
„Желбата за уредување на домот кај мене постои уште од мали нозе. Отсекогаш сум сакала дома да ми биде убаво, средено, пријатно, редовно да местам и да прередувам, да купувам разни ситници и отсекогаш ме фасцинирале стилски уредени домови.
Сметам дека домот треба да биде одраз на луѓето кои живеат во него. Каква енергија носат во себе, таква енергија пренесуваат и на предметите околу нив. Многу ми е важно да биде пријатно, топло, прозрачно и смирено.
Воопшто не мислам дека стилот може да се купи со пари и дека ако изнакупите скапи, луксузни парчиња значи дека имате стил. Многу предмети во мојот дом сме си ги направиле сами, или пак сме им дале „нов живот“ на стари парчиња мебел, како на пример дрвената клацкалка која е стара повеќе од 50 години, а припаѓала на бабата и дедото на мојот сопруг. Тоа е воедно и едно од моите омилени парчиња дома.
Сакам сè што е во нашето опкружување да има некое значење за нас. Затоа и немаме премногу натрупани ситници само колку да се пополни просторот. Други омилени детали ми се книги, свеќи, вазни (секогаш со свежо цвеќе), перничиња, како и уникатни рачни изработки на македонски уметници кои секогаш ја имаат мојата поддршка.
Да не ги заборавам и моите омилени шолји за кафе и чај. Колекцијата се зголемува речиси секој месец, иако оваа моја опсесија не му оди баш во прилог на мојот брак.