Паметна организација: Трособен стан од 55 м2
- Детали
- сабота, 20 мај 2017
Со мудрите дизајнерски решенија и убавата естетика во ентериерот, овој дом со скромна големина нуди повеќе комфор и од многу поголеми станбени простори.
Инспиративниот дом се наоѓа во Букурешт, Романија, а зад дизајнот на просторот се потпишува тимот креативци од студиото CRAFTR AAIM. Станува збор за допадлив трособен стан со вкупна површина од 55 метри квадратни, уредени со вистинската доза на игривост и стил. Основната цел била да се создаде паметно организиран, а убав ентериер.
Наместо до кујната, каде најчесто ја сместуваме од практични причини, трпезаријата е поставена покрај прозорецот во дневниот престој. Со вградената клупа под прозорецот, која служи и како дополнително место за складирање на предмети, добиено е повеќе простор за седење и уживање.
Изборот на масата е прилагоден на потребите на сопствениците, кои сакаат да организираат дружби и вечери. Наместо типичната мала маса за која се одлучуваат повеќето луѓе што живеат во дом со поскромни димензии, тука е поставена голема дрвена маса, која одлично се вклопува во уредувањето.
Кујната, пак, сместена е на другиот крај, а иако е дел од целината, делува како посебна просторија. Покрај едноставно уредената спална соба, станот располага и со мини канцеларија, која функцинира и како соба за гости, а согласно потребите, може да се претвори и во детска соба.
Интересните детали во боја на сенф создаваат по малку ретро впечаток на просторот, особено во комбинација со темните дрвени подови и кујнските елементи, а внесуваат живост во овој навистина симпатичен стан.
Во продолжение, ѕирнете како изгледа секое катче и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот топол дом:
М. А. | Црнобело