Во домот на Ангела во Скопје: Светли бои и винтиџ бебешко креветче кое го користел и нејзиниот сопруг
Поради тоа што домот ни е на југоисточна страна, имаме доволно светлина и топлина која ни овозможува да успеаваат растенија.
Повторно и тука, изборот ни се растенија кои не бараат премногу грижа, а се декоративни, како замија, потос и сансивериа.
Омилено катче во моментов ми е спалната соба.
Пред неколку месеци решивме да направиме мини преуредување, да ѝ дадеме повеќе личен печат, топлина, поголема искористеност на просторот и да има и тука зелен детаљ.
Предлог проектот за подобрување на просторот ни го изработи Ивана и јас сум презадоволна од нејзината работа.
Затоа и детската соба, што ќе ни биде проект во наредниот период, ќе ѝ ја препуштам на неа.
Кога сме кај детската соба, за ќерката ја уредувавме сами, и таа сè уште е нејзино катче.
Ја уредувавме во време на короната - еден ден ми текна дека сакам да е во виолетова боја и сама ги кречев ѕидовите во 9-тиот месец од бременоста.
Стикерите што личат како тапет ги правевме по нарачка, а сите детали во таа соба ми се посебно бирани и ми будат преубави спомени.
Но, следнава година, поради доаѓањето и на нашето второ дете, таа соба ќе треба да биде катче за двајцата и ќе претрпи голема промена.
Омилено парче мебел во домот ми е детското креветче, а ако прашате зошто, одговорот е бидејќи е од сопругот кога бил бебе, го одрасна ќерката, а сега и синчето спие во него.