На гости кај Надица: Светол стан во Скопје со шарени плочки во кујната и впечатливи парчиња мебел (фото)
- Детали
- сабота, 20 мај 2023
„Станот го уредувавме заедно со сопругот, кој по професија е архитект. Најколоритен дел од станот е кујната со шарени ѕидни плочки. Омилен простор во станот ми е ѕидот во дневната соба со наши фотографии и слики“, вели Надица Димушевска Јовеска (33) за CRNOBELO.com за нејзиниот стан во Ново Лисиче.
Надица Димушевска Јовеска (33), по професија графички дизајнер, живее со сопругот Миро, ќеркичката Мина и Доли (нивниот миленик, малтезер) во стан од 70m2 во скопската населба Ново Лисиче.
Станот е модерно уреден и изобилува со дневна светллина.
За уредувањето на нивниот семеен дом Надица открива за CRNOBELO.com:
„Станот го уредувавме заедно со сопругот, кој по професија е архитект, а бидејќи и мене многу ме интересира внатрешно уредување се надополнувавме со идеите и точно знаевме како сакаме да изгледа нашиот дом.
И двајцата сакавме минималистички изглед, во кој ќе доминираат белата боја и дрвото.
Најколоритен дел од станот е кујната со шарени ѕидни плочки како контраст на елементите кои се изработени од бел мат медијапан во комбинација со дрво.
Шарените плочки во кујната се нешто што го имав како замисла уште пред да почнеме со уредување.
Мебелот во целиот стан односно кујната, дневната, спалната, вградените плакари се правени по мерка од ист материјал.
Трпезариската маса, која е изработена од масивно дрво и библиотеката се осмислени од нас и направени исто по нарачка.
Библиотеката сакавме да биде спој од полици за вино и книги и истата да го одделува влезот од остатокот на станот.