Наместо „генералка“ пред празниците – што да правите секој месец од годината за беспрекорно среден дом?
Во јануари средете ги новогодишните украси, во февруари исчистете ја кујната, а во март - бањата.
Доволно е само неколкупати да ја одложите генералката за целиот дом да изгледа расфрлано.
А, кога во домот владее вистински хаос, навистина е тешко да се убедите да исчистите сè, особено кога знаете дека ќе ви бидат потребни часови, а некогаш и денови за да се справите со сиот неред.
Но, што ако ги поделите овие големи обврски и завршувате по само 1-2 месечно?
Тогаш ќе треба да одвоите само неколку часа месечно за темелно да исчистите една просторија и потоа само ќе треба да внимавате да ја одржувате чиста.
Односно, да го средувате вашиот неред веднаш откако ќе го направите.
Ако ви треба мала помош да се организирате, тогаш сигурно ќе ви се допадне овој „календар за чистење“ со чија помош еднаш засекогаш ќе се справите со нередот во домот.
Според календарот, ќе треба да се фокусирате на едно, најмногу две нешта секој месец од годината и постепено ќе се ослободите од сите непотребни работи во домот.
Календар за чистење:
Јануари – новогодишни украси и декорации
Во јануари соберете ги сите новогодишни украси, размислете кои од нив ќе ви требаат следната година и организирајте ги во кутии. Оние што не ви требаат можете да ги подарите некому, да ги донирате и слично.
Направете го истото и со новогодишните честитки, кутиите од подароци, хартијата за подароци…
Кога ќе дојде следната празнична сезона, ќе имате средени украси и нема да трошите време во „копање“ низ купот непотребни лампиони и сијалички.
Февруари – средување на кујната
Проверете ги сите прехранбени намирници во фрижидерот и шкафчињата и фрлете сè што е со поминат рок. Ако ви останала храна која сте сигурни дека нема да ја јадете, како конзерви, супи и слично, можете и да ја дадете некому.
Проверете ги и сите садови во кујната и ослободете се од сите што не ги користите – како загорени тенџериња, изгребани тави и слично. Направете го истото и со приборот за јадење и готвење и оставете ги само работите што навистина ги користите.
Темелно исчистете ги шкафчињата, фрижидерот, шпоретот и сите апарати и елементи во кујната.
За да го задржите редот во кујната, веднаш ослободувајте се од садовите и приборот што не се погодни за употреба. На пример, ако многу ви загори некоја тава, веднаш фрлете ја наместо да ја враќате во шкафчето.
Кога купувате нови намирници, пак, набрзина проверете што е зафрлање и фрлете го веднаш, па во фрижидерот нема да се трупаат стари продукти.
Март – чистење на бањата
Ако имате шкафче со шминки или што било во бањата, прво исчистете го тоа. Исфрлете ги сите продукти со поминат рок, сите празни шишиња шампон и сè што не сте употребиле подолго време.
Темелно исчистете ги елементите во бањата и отстранете го целиот бигор.
Потоа, за бањата да ви биде постојано чиста, веднаш фрлајте ги работите што не ви требаат, како празните шишиња од шампон, и околу еднаш неделно поминете ги кадата, школката и мијалникот со средство за чистење.
Април – летна облека
Средете ја буквално целата летна облека што ја имате. Донирајте го она што повеќе не го носите и имајте на ум дека штом не сте облекле нешто повеќе од две години, тешко дека некогаш ќе го облечете.
Направете го истото и за обувките, чантите, костимите за капење…
Зимската спакувате ја во кутии или вреќи и тргнете ја настрана. Оваа облека ќе ја средите кога ќе наближат студените денови.
Мај – тераса и/или двор
Ако имате градина или саксии со растенија, сега е време да ги средите, без разлика дали ќе пресадувате или ќе ги чистите.
Добро исчистете ја гарнитурата во дворот или на терасата, темелно измијте го подот, средете го тревникот… Генерално, обрнете внимание на секоја ситница во дворот или на терасата.
Јуни – гаража или шпајз
Кога-тогаш мора да го средите и просторот за складирање.
Без разлика дали тоа е гаража, шпајз или таван, овде сигурно имате стотици работи кои само ви зафаќаат место. Ослободете се од сите нив и добро организирајте ги работите што ќе ви останат.