Јадењето чоколадо предизвикува акни и уште 7 митови за акните
Акните не се појавуваат само за време на пубертет, продуктите за „сушење“ акни во повеќето случаи нема да го решат главниот проблем и ако некој има акни, не значи дека не води грижа за своето лице.
Кај тинејџерите, акните и мозолчињата се честа, a и очекувана појава. Нo, акните можат да се појават и кај возрасни личности, обично по 25-тата година.
Постојат многу причини за појава на акни кај возрасни – од хормонална нерамнотежа, до многу стрес.
А, бидејќи се честа појава, постојат и многу митови за акните кај возрасните личности.
Дел од најчестите во продолжение:
Мит 1: Акните се појавуваат само за време на пубертет
Акните се гледаат како проблем со кој обично се соочуваат тинејџерите. Но, акните можат да се појават и кај возрасни личности, бидејќи постојат многу причини за нивната појава.
Кај возрасни личности, акните можат да се појават поради хормонална нерамнотежа, ПМС, стрес, несакани ефекти од некои лекови, несакани ефекти од продукти за кожа и слично.
Мит 2: Сите продукти за „сушење“ акни се ефикасни
На пазарот постојат доста продукти кои ветуваат дека веднаш ги сушат акните.
Кај некои луѓе, овие продукти можеби ќе функционираат, но обично ако станува збор за едно мозолче.
Доколку имате проблематична кожа со повеќе акни, овие продукти најверојатно нема да ви го решат проблемот.
Мит 3: Акните настануваат поради недостаток од хигиена
Всушност, во некои случаи важи токму спротивното – претераното чистење на кожата може да ја влоши состојбата бидејќи ја суши кожата.
Кога кожата ќе се исуши, таа добива сигнал да лачи повеќе масти, а повеќе масти значат повеќе затнати пори и со тоа појава на акни.
Најдобро е да го миете лицето само двапати дневно и, доколу вежбате, веднаш по вежбање.
Притоа користете нежно средство за миење кое не ја суши кожата.
Мит 4: Јадењето чоколадо предизвикува акни
Засега нема цврсти докази дека јадењето чоколадо може да предизвика акни. Направени се бројни истражувања на оваа тема и некои нашле поврзаност помеѓу чоколадото и акните, а некои не.
Па, нема потреба да се воздржувате од чоколадо ако имате проблематична кожа, но препорачливо е да бидете умерени. Бидејќи, јадењето многу чоколадо може да предизвика и цела низа други проблеми, како дебелина.