Добри се за пливање, но можат да бидат и опасни – Што треба да знаете пред да почнете да користите тампони?
Тампоните се подискретни од хигиенските влошки, можете да ги користите за бањање во море или во базен, но не смеете да ги користите навечер, а може сериозно да му наштетат и на здравјето – кои се предностите, а кои се лошите страни на користењето тампони?
Постојат голем број производи за менструална хигиена: влошки, тампони, менструални чашки... Но, се чини дека првите два се најкористени кај девојките.
Најголем дел од девојките и жените во оние денови од месецот се одлучуваат да користат хигиенски влошки.
Ако и вие спаѓате овде, но сакате да почнете да користите тампони, треба да знаете некои работи.
Која е разликата помеѓу влошките и тампоните и кој продукт е подобар за вас?
Тампони
Тампоните имаат цилиндрична форма и најчесто се изработени од памук, полусинтетички материјали или пак од мешавина од двата.
Кои се позитивните страни на користењето тампони?
За разлика од хигиенските влошки и другите сретства за менструална хигиена, тампоните се многу мали и лесно можете да ги скриете во чанта или во џеб.
Друга позитивна работа е што тампоните можете да ги користите за да се бањате во море или во базен. Секако, притоа мора да водите сметка тампонот да биде чист и да го менувате во хигиенски услови.
Тампоните се практично невидливи, па така, за разлика од хигиенските влошки што можат да се гледаат доколку носите тесна облека, со тампоните воопшто нема да мора да стравувате дека ќе се видат или дека постои можност да се изместат ако се занимавате со физичка активност (како што може да се случи со влошките).
Кои се негативните страни?
Тампоните се потешки за користење
Треба точно да го следите упатството приложено во амбалажата за правилно да ги внесете тампоните во внатрешноста на вагината, што за оние кои првпат треба да користат средство за менструална хигиена може да биде стресно.
Може да се јави иритација на вагината
За разлика од хигиенските влошки, многу е поголема веројатноста тампоните да предизвикаат иритација и сушење на вагината. Особено не се препорачуваат за користење во текот на целата ноќ, затоа што ако долго време не ги менувате, тампоните можат да предизвикаат инфекции.
Ризик од синдром на токсичен шок
Иако се јавува мошне ретко, синдромот на токсичен шок може да биде опасен по живот. Се јавува ако не го смените тампонот долго време, поради што во вагината се акумулираат голем број бактерии.
Главните симптоми на синдром на токсичен шок се дијареа, повраќање, треска и малаксаност.
За да се намали ризикот од синдром на токсичен шок, се препорачува тампонот да се менува на секои 3 до 4 часа и користење тампони со помала моќ за апсорбирање.