Како да се грижите за здравјето на забите на вашите деца и да ја спречите појавата на кариес?
Важно е да ги миете забите на вашето малечко веднаш штом ќе почнат да му растат. За ова консултирајте се со експерт кој ќе ви каже кои се најдобрите пасти и четки за негова возраст, но и како правилно да му ги четкате забите.
Забите не можат да се регенерираат, па секогаш е подобро да ја спречиме појавата на кариес, отколку да ги поправаме.
Грижата за забите треба да почне уште кога ќе се појават првите запчиња, па вие како родител не смеете да ја запоставите оралната хигиена на вашето дете.
Неколку општи совети за грижа на здравјето на малите деца:
Намалете им ја неудобноста кога ќе почнат да им растат забите
Во просек, забите на бебињата почнуваат да растат кога ќе наполнат шест месеци. Сепак, сосема возможно е првите запчиња да почнат да се појавуваат уште околу четвртиот месец, но и подоцна, односно околу првиот роденден.
Некои бебиња не чувствуваат болка кога им растат забите, а кај некои може да се појави неудобност, заедно со црвенило на непцето.
Ако бебето чувствува болка или неудобност, нормално е да плаче. Во овој случај консултирајте се со лекар кој ќе ви каже како да ја намалите болката, а можете да купите и специјални играчки за гризење за таа намена.
Мијте ги забите на бебето штом ќе почнат да му растат
Штом ќе ги забележите првите запчиња кај вашето малечко, консултирајте се со експерт во врска со оралната хигиена.
Тој ќе ви каже кои пасти и четки се погодни за неговата возраст, како правилно да му ги четкате забите и колку често да го правите тоа.
Спречете ја појавата на кариес
Штом ќе почне да разбира, разговарајте со вашето дете за важноста од оралната хигиена и навикнете го да ги мие забите наутро и навечер.
За да го намалите ризикот од кариес, не му дозволувајте да консумира многу шеќери, особено не пред спиење.
Научете го детето да користи конец за заби
Чистењето на забите со конец може да биде и поважно од четкањето.
Четката не може да го исчисти малиот простор помеѓу забите, па ако детето не користи конец, со текот на времето остатоците од храна можат да предизвикаат кариес.
Штом ќе забележите дека просторот меѓу забите на вашето дете е многу мал, односно забите се многу близу едни до други, препорачливо е да почне со користење конец.
Ако не сте сигурни дали е вистинското време, консултирајте се со заболекар.
Редовно носете го на заболекар
Не чекајте детето да ви се пожали за болки за да го однесете на заболекар.
Обично млечните заби се посклони на кариес бидејќи имаат потенок емајл, па редовните прегледи се клучни за да се забележи навреме.
Одвикнете го детето од цуцла пред да наполни четири години
Според Американската асоцијација на заболекари, цуцлата може да предизвика искривување на забите кај децата.
Затоа, препорачливо е да го одвикнете вашето малечко од цуцла пред да наполни четири години.
Нормално, и во овој случај треба да се консултирате со експерт кој ќе ви каже кога точно да почнете да го одвикнувате детето од цуцла и како да го направите тоа.
Не заборавајте дека кога станува збор за здравјето на вашето дете, секогаш треба да се консултирате со експерти и да ги слушате нивните совети и препораки.
Спирова С. | Црнобело