Дали сум во менопауза, зошто имам проблеми со ерекцијата – докторка одговара на најчестите прашања од пациентите
Дали антибиотиците се корисни за настинка, која е причината за честите главоболки, дали подуеноста е знак за алергија на храна - докторката Зои Вилијамс дава одговор на прашањата што ги добива најчесто од нејзините пациенти.
Зои Вилијамс е доктор за општа медицина и за The Sun ги открила одговорите на прашањата што најчесто ги добива од нејзините пациенти.
Докторката нагласува дека ако имате какви било сомнежи за вашето здравје, секогаш е најдобро да се консултирате со вашиот матичен лекар кој ја знае вашата медицинска историја.
Но сепак, таа може да даде одговор на некои чести прашања во врска со симптомите што ги чувствуваат повеќето нејзини пациенти, а веројатно сте ги почувствувале и вие.
Во продолжение дел од прашањата што ги одговорила Зои:
„Не можам да добијам ерекција и немам интерес за секс. Што е проблемот?“
Доктор Зое вели дека овој проблем се појавува кај многу мажи и обично сите мислат дека станува збор за импотенција.
Но, таа нагласува дека проблемите со ерекција можат да настанат од бројни други фактори вклучувајќи стрес, анксиозност, замор или пиење многу алкохол.
Докторката советува дека треба да побарате помош ако честопати не можете да добиете ерекција. Во тој случај, проблемот може да биде или физички, или психолошки.
Според неа, кај мажите со проблеми со срцето и дијабетес може да се јави еректилна дисфункција. Во овој случај добро е да направите преглед и за овие болести.
Ако, пак, имате нормална ерекција наутро што е вообичаено за скоро сите мажи, но се јавуваат проблеми кога треба да имате секс, тогаш веројатно станува збор за психолошки проблем. Во овој случај од помош може да биде разговорот со психијатар.
„На возраст сум кога треба да ми почне менопаузата, но како да знам дали сум во менопауза?“
Доктор Зои нагласува дека перименопаузата и менопаузата не се случуваат преку ноќ, па за вашиот лекар да утврди дали кај вас е почната менопаузата, ќе му требаат повеќе информации.
На пример, покрај симптомите што ги чувствувате, може да ви постави прашање и за менопаузата на вашата мајка или другите жени од семејството.
За жени помлади од 45 години може да се направи и тест со кој ќе се утврди нивото на хормони, но обично „дијагнозата“ за менопауза лекарот може да ви ја даде само според симптомите и она што ќе му го кажете.
Докторката советува дека е најдобро да си водите дневник во кој ќе ги забележувате вашите симптоми. Исто така, таа советува отворено да разговарате за сите симптоми со вашиот лекар за да може да ви помогне да се справите со нив.
„Зошто имам главоболки и палпитации (забрзано чукање) на срцето?“
Според докторката, неретко овие симптоми се јавуваат кај лица кои имаат проблеми со менталното здравје, но обично не зборуваат за тоа.
Зои вели дека неретко пациентите кои ѝ кажуваат дека не можат да спијат и имаат главоболки и палпитации, всушност имаат проблеми со менталното здравје и токму тоа ги предизвикува овие симптоми.
Затоа, таа советува да обрнете внимание и на менталното здравје и да споделите со вашиот лекар ако се чувствувате депресивно, анксиозно и слично.
„Моето дете постојано има настинка“
Докторката споделува дека децата на претшколска и школска возраст можат да имаат и десет вирусни инфекции во една година.
Таа вели дека ако вашето дете постојано има настинка, голема е веројатноста всушност да се справува со неколку болести едно по друго.
Сепак, докторката нагласува дека нема потреба од загриженост ако станува збор за лесни симптоми кои можат да се контролираат со парацетамол и ако сè друго е во ред.