„Ќе спијам кога ќе умрам“ – подобро легнете си со време: Како телото страда од недостаток на сон?
Недоволното спиење може да ви го намали либидото, да го ослаби вашиот имунолошки систем, да предизвика проблеми со размислувањето и да доведе до зголемување на телесната тежина.
Кога не спиете доволно, може да го зголемите и ризикот од одредени видови на рак, дијабетес, па дури и сообраќајни несреќи.
Доколку се пронајдовте во дел од овие описи, не сте единствените.
Што точно се случува со вашето тело кога нема да поминете доволно часови под покривачот во мирен, блажен сон?
Почесто се разболувате
Недоволниот сон може да ја наруши способноста на вашето тело да се бори против болести. Истражувачите открија реципрочна врска помеѓу спиењето и вашиот имунолошки систем.
Кратко и јасно – недоволно спиење = намален имунитет.
Срцето страда
И краткото времетраење на спиењето (помалку од 5 часа ноќе), како и долгото времетраење на спиењето (9 или повеќе часа) се покажало дека имаат негативно влијание врз здравјето на срцето.
Шансите за развој на коронарна срцева болест или мозочен удар се значително зголемени со помалку сон.
Се зголемува ризикот од рак
Скратениот сон е поврзан со повисоки стапки на рак на дојка, колоректален карцином и рак на простата. Добрата вест е што и мажите и жените кои спиеле 7 или повеќе часа навечер имале најниски стапки на смртност во групата при едно истражување.
Не можете да размислувате
Дури и пропуштањето на само една ноќ спиење може да доведе до големи проблеми со мислењето. Мозочните функции, вклучувајќи ја и меморијата, одлучувањето, расудувањето и решавањето проблеми се влошуваат при недостаток на сон.
Заборавате работи
Не само што пропуштениот сон може да ве направи збунети, туку и сè поголем број истражувања покажуваат дека сонот има големо влијание врз учењето и меморијата.
Истражувачите сугерираат дека спиењето е критично за процесот на консолидирање на работите што ги учиме во мозокот. Со други зборови, потребен ни е соодветен одмор за да ги „заклучиме“ новите информации и да ги зачуваме во меморијата.