Која е функцијата на витамините во организмот, во која храна се наоѓаат и дали ви требаат додатоци?
Постојано слушаме колку се важни витамините за нашиот организам, а поради ова често посегнуваме да ги пиеме на своја рака, но во повеќето случаи нема никаква потреба од тоа.
Иако не ви треба лекарски рецепт за да си купите суплементи со витамини, не би требало да ги пиете без консултација со лекар. Преголемото количество на некои витамини во организмот може дури и да ви наштети.
Секој витамин има своја улога во организмот, а буквално сите витамини можете да ги внесете само преку храна. Што значи, многу поважно е да се храните здраво и разновидно, отколку да пиете суплементи (во нормални здравствени услови).
Ако сепак се сомневате дека ви недостасува некој витамин, вашиот лекар ќе ви помогне да утврдите дали тоа е така и дали има потреба од суплементи.
Некои болести и некои начини на исхрана, како вегетаријански, можат да го намалат нивото на одредени витамини во организмот, но и во овој случај консултацијата со лекар е задолжителна.
Во продолжение која е функцијата на витамините и каде можете да ги најдете:
Водорастворливи витамини
Витамините од оваа група слободно се движат низ телото, а кога има вишок во организмот, обично се исфрла преку бубрезите.
На телото му се потребни во мали, но чести дози.
За разлика од другата група витамини – масторастворливи – постои помал ризик да достигнат токсично ниво во организмот.
Здравата, разновидна исхрана би требало да ја задоволи потребата од сите витамини од оваа група, но лицата постари од 50 години, како и оние кои се вегани или вегетаријанци, би требало да се консултираат со лекар во случај да имаат потреба од суплементи.
Витамин Б1 (тиамин)
Овој витамин помага во претворањето на храната во енергија и е особено важен за мозочните клетки.
Можете да го внесете преку житарици, семиња, јаткасти плодови, интегрален леб, како и умерени количини свинско место.
Обично луѓето со дијабетес имаат пониско ниво витамин Б1 во организмот, па лекарите им препишуваат суплементи.
Витамин Б2 (рибофлавин)
И витаминот Б2 помага во претворањето на храната во енергија. Важен е и за видот, како и здравјето на кожата.
Според некои истражувања, можно е да биде од помош кај луѓе со мигрена.
Се наоѓа во млеко и млечни продукти, зелен лиснат зеленчук, интегрален леб и житарици.
Витамин Б3 (нијацин)
Покрај тоа што е важен за нервниот и дигестивниот систем и здравјето на кожата, и овој витамин помага во претворањето на храната во енергија.
Исто така, може да го намали нивото на холестерол.
Можете да го внесете со пилешко месо, риба, интегрален леб, житарици, зеленчук, како печурки и марула, и путер од кикиритки.
Пантотенска киселина
Пантотенската киселина помага во метаболизирањето на гликозата и масните киселини од храната.
Се наоѓа во речиси сите прехранбени намирници.
Биотин
Биотинот помага во претворањето на храната во енергија.
Како пантотенската киселина, и биотинот се наоѓа во скоро сите прехранбени продукти. Истовремено, тој се произведува и во дигестивниот систем.
Витамин Б6 (пиридоксин)
Потребен е за метаболизирање на протеините, а помага и во создавањето црвени крвни клетки. Исто така, може да им биде од помош на жените и девојките за време на ПМС.
Се наоѓа во месо, риба, зеленчук и овошје.