Што ги предизвикува проблемите со концентрацијата и како да се справите со нив?
Ако немате никакво ментално нарушување или некоја болест, а сепак имате пролеми со концентрацијата и неретко се чувствувате збунето, тогаш главниот виновник можат да бидат стресот и лошите животни навики.
Веројатно барем еднаш ви се случило да имате толкави проблеми со концентрацијата, што не можете да завршите и наједноставна обврска.
Некогаш можеби сте се почувствувале и многу збунето и дезориентирано без навидум никаква причина.
Па, што точно претставува оваа состојба и како да се справите со неа?
Што претставува овој недостаток на концентрација?
Во англискиот јазик има одличен термин што ја опишува оваа состојба - brain fog- што може да се преведе како „замаглен мозок“.
Иако ова не е болест или некакво ментално нарушување, може да се јави како симптом на некои животни околности.
Едноставно, оваа „замагленост“ се карактеризира со збунетост, лоша концентрација, постојано одвлекување на вниманието и слично, најчесто кога нема конкретна причина за тоа, како некоја болест.
Оваа појава може да се опише и како „ментален замор“.
Зошто се појавува?
Како што напоменавме, оваа „замагленост“ обично е резултат на животни околности и лоши животни навики.
Некои од најчестите причини се:
- Хормонални промени, особено за време на бременост или менопауза.
- Несакан ефект од некои лекови
- Стрес
- Недостаток од сон
- Недостаток од одредени хранливи материи
- Замор
И менталните нарушувања како анксиозност и депресија можат да предизвикаат ваква збунетост, па најпрво консултирајте се со психијатар за да бидете сигурни дека не станува збор за нив.
Како да се справите?
Ако сте сигурни дека не станува збор за депресија, анксиозност или некое друго ментално нарушување, можете да направите некои мали промени што ќе ви помогнат да се вратите во нормала.
Избегнувајте да го преоптоварувате мозокот
Штом ќе забележите дека фокусот ви се намалува, задолжително одвојте барем 10-тина минути за да го одморите мозокот. Истовремено, избегнувајте да правите повеќе нешта во исто време.
Добро би било да најдете и повеќе време за активности кои релаксираат, како шетање или цртање.
Најдете некое ново хоби
Активностите како читање, везење, решавање крстозбори и слично можат да го одморат вашиот мозок.
Па, осигурете се дека ќе најдете време барем еднаш неделно за некое вакво хоби.
Не заборавајте дека одморот е неопходен
Веќе кажавме дека оваа „замагленост“ може да се нарече и ментален замор, па нема да се ослободите од оваа состојба ако го прескокнувате одморот.
Не заборавајте дека одморот е задолжителен ако сакате да бидете продуктивни, ефикасни и во најдобра форма.
Побарајте помош
Ако никако не можете да се справите со недостатокот од концентрација и збунетоста, најдобро е да одите на лекар. Тој ќе може да воочи која е причината за вашата состојба и, доколку има потреба, ќе ви ја препише потребната терапија.
Спирова С. | Црнобело