10 едноставни навики за кои мозокот ќе ви биде благодарен
Секој ден предизвикувајте го вашиот мозок – меморирајте ги потребните намирници наместо да одите со листа за пазарење, немојте да користите калкулатор за мали пресметки, пробајте сами да се снајдете на ново место без да користите навигација…
За да го одржите мозокот во топ-форма, мора да најдете време за активности што го стимулираат и што ве тераат да размислувате. Некогаш, пак, доволно е да направите и некои мали промени во секојдневието за повеќе да го активирате мозокот.
Погледнете кои мали едноставни навики ќе ви помогнат да го одржите мозокот во топ-форма, без разлика на вашата возраст:
Учете нови нешта
Учењето не завршува штом ќе излезете од училиште – за да го одржите мозокот во форма, треба да учите целиот живот. А, има безброј работи кои само чекаат да им обрнете внимание.
Ако отсекогаш сте сонувале да научите некој инструмент или да научите да пеете, никогаш не е доцна да почнете со тоа. Ако отсекогаш сте сакале да научите некој јазик, никогаш не е доцна ни за тоа.
Ваквите активности ќе ви бидат забавни, но и ќе ве натераат да го користите мозокот, а ќе ги подобрат и вашите когнитивни способности.
Вежбајте
Физичката активност не е добра само за телото, туку му годи и на вашиот мозок.
Истражувањата покажале дека и наједноставните вежби, како возење велосипед, го активираат мозокот и можат да ја подобрат меморијата.
Правете ги секојдневните нешта поразлично
Ако ги миете забите со десната рака, пробајте да го правите ова со левата (и обратно ако сте левак). Ако секој ден одите на работа по истиот пат, пробајте барем еднаш неделно да одите по некој друг.
Ваквите навидум безначајни промени во секојдневните навики докажано го стимулираат мозокот.
Решавајте крстозбори
Крстозборите, но и умствените игри како судоку се одлични за вашиот мозок. Овие активности ве тераат да размислувате, некогаш и „надвор од кутијата“, па се одличен начин да ги подобрите когнитивните способности.
Предизвикајте го мозокот
Наместо да одите во продавница со листа, пробајте да ги меморирате намирниците што ви требаат.
Ако треба да пресметате нешто, немојте да користите калкулатор.
Ако одите на некое ново место, наместо постојано да гледате на апликацијата за навигација, пробајте да ја меморирате мапата и снајдете се така.
Генерално, секојпат кога имате можност - предизвикувајте го вашиот мозок и активирајте го.