Дали дебелината во текот на бременоста има влијание врз развојот на детето?
Врската помеѓу мајката и детето без сомнение е една од најсилните. Раѓањето дете целосно го менува животот на жената, а покрај сета радост и среќа, со детето доаѓа и огромна одговорност.
Но, самата бременост е сосема друга приказна и неверојатно искуство. Во текот на бременоста, покрај многуте промени на телото, секоја жена се здебелува и ова е сосема нормално.
Сепак, некои истражувања покажале дека прекумерното дебелеење во бременоста можеби има влијание и врз детето. Ова не значи дека треба да држите диети додека сте бремени, туку обидете се да се храните што е можно поздраво.
Дебелина за време на бременост
Зголемување на телесната маса за време на бременоста е нормално, но само кога е во здрави рамки.
Ако качите многу килограми во текот на бременоста, можно е да се соочите со висок крвен притисок, гестациски дијабетес и слично.
Дебелината и ризиците во бременоста
Ако жената се здебели премногу во текот на бременоста, најчесто се мисли дека лошото влијание го чувствува само таа.
Но, понекогаш дебелината влијае и врз нероденото дете.
Научниците од универзитетите во Колумбија и Тексас објавиле истражување во BMC Pediatrics. Според нивните наоди, дебелината на мајката во текот на бременоста можеби е поврзана со тешкотиите во последователниот развој на нејзиното дете.
Тимот што го сочинувале епидемиолози, нутриционисти и медицински експерти проучувал 368 мајки и нивните деца. Испитаниците биле проучувани за време на бременоста и кога децата имале 3 и 7 години.
Сите жени ѝ припаѓале на иста социјална и економска класа. Биле земени предвид и фактори како образованието на мајката, нејзиниот коефициент на интелигенција и брачниот статус.
Се обрнало внимание и на гестацискиот период во кој се родил бебето и опкружувањето во кое се наоѓало.
Истражувањето не ја земало предвид исхраната на мајката и дали бебето е доено или не.
Кога децата имале 3 години, биле тестирани нивните моторички способности и истите тестови биле повторени кога имале 7 години.
Што покажале резултатите?
Резултатите покажале дека кај 3-годишните деца, забавениот развој на моторичките способности бил поврзан со дебелината на мајката во текот на бременоста.
Кога тестот бил повторен на 7-годишна возраст, се открило дека машките деца чии мајки биле со значително прекумерна тежина во бременоста, имале понизок коефициент на интелигенција. Разликата била 5 поени и била забележана само кај машките деца.
Што значи сето ова?
Важно е да се напомене дека иако можеби има некаква врска помеѓу дебелината во бременоста и развојот на детето, не е точно познато што е причината за тоа.
Притоа, бројот на испитаници е многу мал за да се тврди со сигурност дека токму дебелината е причина за забавениот развој.
Доколку сте загрижени за вишокот килограми во бременоста, немојте сами да држите диети, да вежбате или да се обидувате да ослабете.
Што и да сакате да направите, консултирајте се со вашиот лекар. Прашајте го дали вашата тежина е во рамките на нормалата и доколку не е, слушајте ги само неговите препораки.
Спирова С. | Црнобело