Дали хорор филмовите се лоши за вашето здравје?
Сите ние кои барем еднаш сме погледнале некој страшен, хорор филм сме ги почувствувале истите сензации. Забрзан пулс и отчукувања на срцето, забрзано дишење и, се разбира, страв.
Но, денес со појавата на нови хорор филмови кои предизвикуваат срцеви удари и смртни случаи во кината, се поставува прашањето дали овие хорор филмови се лоши за вашето здравје?
Креаторите на новиот хорор филм „Hereditary“, ги замолиле своите гледачи да носат монитор кој ги забележува срцевите отчукувања за време на гледањето на овој филм. Документираните податоци покажуваат дека срцевите отчукувања на гледачите на овој филм во одредени сцени скокнале до 164 отчукувања во минута, што за возрасен човек е навистина висока бројка.
Тоа е добар доказ за забрзувањето на срцето додека гледаме некој ваков страшен филм.
Психолошката реакција која ја предизвикуваат овие филмови се нарекува „борба или бегство“. Тоа е реакција на одредени ситуации кои и животните како и луѓето ја развиваат со тек на време за да преживеат одредени ситуации.
Кога се наоѓаме во опасност оваа реакција е клучна за нашата одлука дали ќе останеме во таа ситуација и ќе се бориме или ќе процениме дека не можеме да победиме и ќе побегнеме од ситуацијата. Тоа може да резултира и со забрзано дишење. Појава која се случува кога вежбаме.
Поради тоа гледањето на хорор филмовите се поистоветува и со физичка активност односно вежбање. Покачувањето на срцевиот ритам за време на хорор филм е слично како и кога вежбаме некоја лесна до средно лесна вежба.
Зголемувањето на ритамот на срцето сепак не е исто кај сите луѓе. Затоа постојат случаи кога луѓе кои повеќе се исплашиле гледајќи хорор филм, искусуваат потешки последици и повисок срцев ритам.
Поради тоа се случуваат и ретки случаи каде луѓе добиваат срцев удар за време на гледање на страшен филм. Од друга страна, постојат луѓе чие срцево отчукување многу малку ќе се зголеми за време на овие филмови.
Уште една реакција која хорор филмовите ја предизвикуваат е грчење на мускулите, што научниците го објаснуваат како нормална појава бидејќи вашето тело се подготвува за реакција.
Сепак за поголем број на луѓе гледањето на хорор филмовите нема да предизвика лоша реакција освен забрзување на отчукувањето на срцето. Но, доколку сте поголеми плашливци можеби е подобро да се држите до романтичните комедии.
К. Д. | Црнобело