Мени за трудници: 5 правила во исхраната за време на бременоста
Постојат многу работи на кои треба да внимавате во текот на бременоста. Луѓето околу вас сигурно ви даваат совети и мислења за тоа што и како треба да правите во овој период.
Сепак, препораките за здравјето и за исхраната се едни од најважните.
Овие 5 правила од познат нутриционист се однесуваат на исхраната во текот на бременоста:
1. Во исхраната треба да бидат застапени многу белковини. Нив ги има најмногу во морските риби, гравот и јајцата.
Рибите содржат и Омега 3, што е добро за мозокот и развојот на нервниот систем.
2. Бремените жени треба да внимаваат да не дехидрираат. Намалете го внесот на пијалаци кои содржат кофеин, како што се кафето и одредени чаеви. Пожелно е секаде со вас да си носите шишенце со вода.
Исто така, нивото на течности во организмот можете да го зголемите со консумирање на овошје и зеленчук богати со вода, како што се тиквички, домати, лубеница и диња.
3. Пожелно е оброците да ги подготвувате со маслиново масло и да користите семки во исхраната.
Меѓу житарките кои имаат најблаготворно дејство на организмот во текот на бременоста се хељда и просо.
4. Посебно внимание треба да обрнете на тоа намирниците да се секогаш свежи и добро измиени поради ризикот од бактерии и труење со храна.
Избегнувајте храна со непроверено потекло или голем процент на вештачки засладувачи и конзерванси.
Исто така, избегнувајте да нарачувате храна од улични тезги или места со лоши хигиенски услови.
5. Добар пример за лесен, а многу хранлив ручек е риба (скуша или сардела) печена на скара со рузмарин или магдонос, интегрален ориз или мешана салата од домати, пиперки, зелка и марула.
М. В. | Црнобело