Како да се справите со вошките и што треба да знаете пред да почнете да го чистите детето?
Како да се справите со вошките?
За полесно да се справите со вошките треба да го научите подобро нивниот начин на живот.
Вошките се развиваат од гниди (јајца), преку кукли (мали вошки) и стануваат возрасни вошки.
Возрасните вошки се со големина на едно семе од сусам и се во боја на кожа, но лесно се забележуваат додека се движат низ главата на детето, особено на мокра коса.
На гнидите им требаат од 5 до 10 дена за да се развијат во мали вошки, на кои пак им треба уште една недела за да пораснат дополнително и да положат нови јајца (односно гниди).
Затоа, ако се обидувате да го исчистите детето од вошки со најголем број од препаратите што се достапни во аптека потребно е процедурата да ја повторувате на неколку денови.
Најчесто се препорачува косата на детето да се третира со шампон против вошки на 3-иот, 6-иот и 9-тиот ден, и потоа да се чисти со чешел против вошки, со цел да ги отстраните малите вошки пред да им дозволите тие да положат нови јајца, или гниди.
Доколку користите вакви средства, најдобро е да се придржувате до упатството приложено во препаратот.
Секако, неколку недели по завршувањето на третманот потребно е редовно да правите проверка на главата на детето, со цел да бидете сигурни дека не останале некои гниди што се развиле во нови вошки.
Природен препарат за чистење вошки:
Постои и друг природен рецепт за чистење вошки, за кој ќе ви треба комбинација од оцет и етерични масла.
Во еден сад промешајте една чаша вински или јаболков оцет со една чаша топла вода.
Промешајте ги убаво состојките и нанесете ги убаво на главата на детето.
Потоа ставете му капа за туширање и оставете мешавината да дејствува околу 30-тина минути.
По ова косата се мие како и вообичаено, со шампон.
За вториот чекор потребно е да се направи мешавина од етерични масла и оцет што ќе помогне за полесно отстранување на вошките и гнидите.
За да ја подготвите оваа мешавина, потребно ви е во сад да промешате:
- 50ml стопено кокосово масло;
- 2 до 3 капки етерично масло од чајно дрво;
- 2 до 3 капки од ylang ylang етерично масло;
- 50ml јаболков оцет.
Косата се мачка со оваа мешавина и се остава да дејствува околу 20-тина минути, а потоа се мие со вообичаениот шампон.
За крај се користи чешел против вошки и потребно е секој дел од косата внимателно да се помине со него, со цел да се исчистат сите останати паразити.
Оваа постапка се повторува на 9-тиот ден, со цел да се исчистат сите заостанати паразити.
Доколку не успевате да го исчистите детето со помош на препарати од аптека или со природни препарати, тогаш можеби би било добро да размислите да ја скратите косата.
Кога косата е кратка, многу лесно ќе успеете да се справите со овие паразити, ќе му помогнете да детето да престане да се чеша, а косата повторно ќе порасне.
Инаку освен што ќе се посветите на темелно чистење на главата на детето, задолжително посветете внимание на чистењето на сите предмети во домот што би можеле да бидат места каде има гниди или вошки.
Иако се верува дека вошките без храна (крв) не можат да преживеат подолго од 48 часа, сепак, добро е целата облека на детето, играчките со влакна и постелнината да се исперат на температура повисока до 60 степени Целзиусови, како и темелно чистење и перење на чешлите за коса, ластичињата и другите додатоци за коса.
Секако, не заборавајте да ги проверите и сите останати членови во семејството и да ги известите во училиштето или градинката дека кај вашето дете е забележано присуство на вошки.
Колку побрзо дознаат и другите родители, толку побрзо ќе се реши проблемот и нема да се дозволи понатамошно проширување.
Б. С. Б. | Црнобело