Како да познаете дали купувате оригинал козметика и шминки?
Обрнете внимание на амбалажата и тежината и задолжително тестирајте ги шминките за да го проверите пигментот – кои други трикови ќе ви помогнат да утврдите дали купувате оригинални шминки и козметика?
Кога купувате шминки и продукти за убавина од реномирани продавници или официјални веб-сајтови на брендовите, не мора да се грижите дали е оригинал или копија.
Сепак, ако одите во непроверена продавница, нормално е да имате доза сомнеж, особено ако станува збор за квалитетен продукт, но со многу пониска цена.
Па, како да познаете дали станува збор за оригинал или копија?
Амбалажа
Најпрво обрнете внимание на текстот на амбалажата, како името на брендот.
Најдете фотографија од оригиналниот продукт и споредете го фонтот.
Навидум, фонтовите можат да изгледаат исто, но сепак постојат суптилни разлики кои ќе ги забележите ако обрнете повеќе внимание.
Може да има различно растојание помеѓу буквите или да имаат различна дебелина, а и нивната боја да биде побледа.
Обрнете внимание и на квалитетот на амбалажата. Ако станува збор за поскап бренд, амбалажата ќе биде направена од поквалитетни материјали.
Тежина
Ова може да биде потешко за утврдување, особено ако претходно не сте го виделе оригиналниот продукт во живо, но може да ви биде од помош.
Амбалажите на копиите секогаш се направени од поевтини материјали со послаб квалитет, па поради тоа најчесто тежат помалку од оригиналниот продукт.
Текстура и густина
Препорачливо е да не купувате шминки ако во продавницата нема тестер, особено ако станува збор за скап продукт, бидејќи само вака ќе откриете дали е добар за вас.
Истовремено, тестерот ќе ви помогне да утврдите дали станува збор за оригинал благодарение на текстурата и густината на продуктот.
На пример, сенките за очи можат да изгледаат како прашина ако станува збор за евтина копија. Или, тушот за очи ќе биде многу потечен ако е копија.
Пигмент
Оригиналните шминки од квалитетни брендови секогаш имаат одличен пигмент. Што значи, ако сенката ви изгледа многу бледа, најверојатно не е оригинал.
Истовремено, ако на амбалажата е прикажана бојата на карминот, сенката и слично, а не се совпаѓа со бојата на продуктот, најверојатно станува збор за копија.