Најчестите грешки во користењето продукти за убавина поради кои не гледате резултати
Грубо триење на лицето со четка, нанесување малку крем со заштитен фактор, ставате антиперспирант во погрешно време - постојат неколку грешки што ги прават скоро сите кога станува збор за продукти за убавина.
Денес ретко ќе најдете девојка или жена без рутина за убавина со неколку продукти, но ретко ќе најдете и девојка која е задоволна од достапните продукти.
Иако треба да експериментирате додека да ги најдете совршените продукти за вас, мора да обрнете внимание и на начинот на којшто ги користите ако сакате да видите некаков резултат.
Па, погледнете кои се најчестите грешки во користењето на овие продукти со кои ја намалувате нивната ефикасност:
Не чекате доволно долго за да ги видите ефектите од продуктите
Кога ќе купите некој продукт, како крем против мозолчиња и акни, не можете да очекувате да видите резултати за само една недела. Но, скоро сите ја прават оваа грешка и по само недела-две го заменуваат продуктот, мислејќи дека не е ефикасен, а истото ќе го направат и со следниот.
Кога пробувате нов продукт за убавина, без разлика со каква намена, мора да почекате околу еден месец за да забележите резултати. Ако и по овој период не сте задоволни, дури тогаш пробајте нов продукт.
Кремовите за очи ги нанесувате на капаците
Овие кремови се наменети за областа околу очите, како подочниците, и нема потреба да ги нанесувате и на капаците. Исто така, нанесувајте ги со што е можно понежни допири.
Некои експерти за козметика препорачуваат да ги нанесувате овие кремови со домалиот прст, бидејќи тој е најслаб и со него не можете да создадете многу притисок.
Користите продукти со ретинол многу често или во погрешен период
Продуктите со ретинол се популарни кај повозрасните бидејќи ја намалуваат видливоста на брчките, но мора да внимавате со нив. Немојте да ги користите повеќе од препорачано бидејќи ретинолот може да предизвика црвенило и лупење на кожата.
Покрај тоа, бидејќи оваа состојка ја прави кожата почувствителна на сонце, најдобро е да ги користите продуктите навечер и секако, во консултација со стручно лице.
Нанесувате масла на сува кожа
Маслата за кожа се одлични, но избегнувајте да ги нанесувате кога кожата ви е видливо сува. Во овој случај само ќе направите мрсен слој кој тешко се впива и сигурно ќе се чувствувате непријатно.
Наместо тоа, нанесувајте ги маслата додека кожава ви е влажна. Со ова маслото ќе се впие многу подобро, кожата ќе биде хидрирана, а и самото нанесување е многу полесно.
Нанесувате антиперспирант во погрешно време
Антиперспирантите се најефикасни кога ќе ги нанесете на чиста и сува кожа. Ова значи дека не треба да ги нанесувате во текот на денот, особено не ако сте испотени, бидејќи можете само да ја влошите ситуацијата.
Всушност, најдобро е да го нанесувате антиперспирантот веднаш по туширање и навечер пред спиење.
Брзате со рутината за убавина
Немојте веднаш откако ќе го измиете лицето да нанесете крем, тоник или што било. Најпрво почекајте добро да ви се исуши лицето.
Ако нанесувате повеќе продукти, секогаш почекајте неколку минути да се впие едниот пред да ставете од другиот.
Штедите на кремот со заштитен фактор
Да, кремовите со заштитен фактор можеби имаат повисока цена, но немојте да штедите кога ги нанесувате ако сакате да ги избегнете изгорениците и штетното влијание на сонцето.
Количеството што треба да го нанесете на рацете и нозете е околу две лажици. На лицето, пак, нанесете околу една мала лажичка. Ако користите крем со распрскувач, прво треба да го покриете целото тело со тенок слој од кремот, а потоа да го размачкате.
Не заборавајте дека заштитниот крем треба да се нанесува на секои 2 до 3 часа или, ако сте на плажа, нанесувајте го после бањање.
Грубо го триете лицето
Ако користите четка или нешто слично за чистење на лицето, немојте да го триете многу грубо. Четките се наменети за нежен пилинг и нежна масажа на лицето и не треба да бидете многу груби ако не сакате црвенило и други проблеми.
Многу често користите влажни марамчиња на лицето
Влажните шамивчиња се многу практични, особено ако сте во брзање или не сте во можност да го исчистите лицето. Сепак, избегнувајте да ги користите многу често.
Некои влажни марамчиња содржат алкохол кој може да биде груб за кожата на лицето. Покрај тоа, бидејќи со нив треба да користиме поголем притисок за да ја отстраниме шминката, можеме да ѝ наштетите на кожата. Па, користете ги марамчињта само кога немате друг избор и секако користете марамчиња соодветни за лице.
Спирова С. | Црнобело