10 грешки при фарбањето заради кои косата не ви излегува како од салон
Бирате боја од фотографијата на кутијата, а не од каталог, се обидувате сами да мешате бои, или пак не почнувате да ја фарбате косата од коренот. Кои се најчестите грешки што може да ги направите кога се фарбате сами?
Да не се лажеме, има работи што колку и да сакаме да ги направиме сами - не можеме, па затоа е најдобро да посетиме професионалци.
На пример, секоја екстремна промена, како фарбање на косата во нијанса што е пет нијанси различна од таа што ја имаме во моментот треба да се остави на професионалци, но, кога станува збор за обичното „освежување“ на бојата, тоа може да го направиме и во домот.
Во продолжение погледнете кои се најчестите грешки заради кои и овој навидум лесен процес се претвора во вистинска катастрофа.
Не ја избирате вистинската нијанса за вашата коса
За да ја најдете најдобрата нијанса, споредете ја нијансата на вашата коса со приложените примероци. Вообичаено постојат каталози за секоја боја и нијанса поединечно.
Земете еден прамен од вашата коса и ја најдете нијансата што е најблиску до идентична, или може да изберете некоја од двете нијанси што се најблиску до вашата боја.
Исто така, немојте да се залажувате со бојата на косата на моделот на кутијата, затоа што може да се случи вашата коса воопшто да не излезе како таа на сликата.
Затоа, доколку не ви е достапен каталог, доближете еден прамен од вашата коса до приложените нијанси на задниот дел од кутијата за да имате во предвид како која ви е почетната боја и како ќе бледее.
Најдобро е да не експериментирате и да изберете боја што е најблиску до моменталната боја што ја имате.
Купете две кутии боја за коса
Во никој случај не сакате да трчате до продавница за да докупите боја со полуфарбана коса.
Доколку вашата коса е до рамена или подолга, може да се случи да ви бидат потребни две кутии боја за целосно да ја исфарбате косата, во зависност од тоа колку ви е густа косата.
Доколку ви остане половина фарба, можете да ја искористите следниот пат.
Немојте да мешате две бои за да добиете нова нијанса
Ако не сте професионалец, ова е рецепт за катастрофа. Не можете да предвидите каква нијанса ќе добиете.
Всушност, како што најверојатно веќе знаете, во многу случаи крајниот резултат може да се разликува од она што сте го виделе на кутијата.
Затоа најдобро е да се држите само до една нијанса и да не експериментирате.
Направете тест
Во никој случај немојте да го прескокнувате овој чекор, особено доколку прв пат сами ја фарбате косата или ако пробувате нова нијанса.
Можете да поткратите неколку влакна и да ги обоите или да обоите неколку скриени прамени – само така ќе се осигурате дека вашата коса нема да излезе портокалова или виолетова. (Освен ако тоа не ви е целта.)
Подгответе се за фарбање на косата
Да, мошне е важно претходно да се подготвите за фарбање на косата, а тоа во суштина би значело:
- 1. Облечете облека што е лесна за соблекување (за да избегнете несакани дамки на облеката);
- 2. За да ја заштитите кожата околу косата и да немате дамки на лицето можете да искористите крем или уште подобро балзам за усни;
- 3. Намачкајте го челото, пределот околу ушите и ушите и така ќе се осигурате дека нема да завршите со дамки по целото лице;
- 4. Соберете ги сите работи што ќе ви бидат потребни, четка за фарбање, сад за фарба, чешел, рачно огледало и ставете ги да ви бидат на дофат.
- 5. Никако не заборавајте да ставите ракавици. Прво затоа што мора да ја заштитите кожата на рацете од хемикалии, а второ затоа што не сакате да завршите со исфарбани раце (особено доколку користите темна или црвена нијанса).