Колку тежи жената на втората фотка?
Таа е британска актерка, модел, телевизиска презентерка и радио водителка. Испровоцирана од објавата за килажата на женскиот клан Кардашијан, духовитата активистка одлучи да открие колкава е нејзината тежина. Очекувано или не, предизвика силна реакција на социјалните мрежи.
32-годишната Џамила Џамил отпочна длабока и сериозна расправа за мошне актуелниот социјален проблем: опсесијата со телесната тежина. Поттикната е од неодамнешната информација за килажата на дамите од семејството Кардашијан, којашто кружи на социјалните мрежи, како и лавината од реакции за „невозможните бројки“.
Посебно ја испровоцирало прашањето што го прочитала на Инстаграм, а тоа гласи: „Изгледа ли Ким како да има 56 килограми?!? Колкава е вашата тежина?“. Таа не само што одговори, туку се огласи и со прилично долга објава, искажувајќи го личниот став за сета хистерија околу женската убавина, но и нереалистичните критериуми што им се наметнуваат на припадничките на понежниот пол.
Британката им објави војна на токсичните коментари за женското тело, нагласувајќи дека е од особена важност да се зборува гласно на оваа тема. Повеќепати ја сподели спорната слика на InstaStory, пишувајќи и прашувајќи:
„Вака жените се учени да се вреднуваат себеси. Во килограми. Не можев да поверувам што гледам. Групна фотографија на возрасни жени со назначени тежини, под која се бара од луѓето да дадат свое мислење, како и да си ја напишат тежината. Зарем не вредиме повеќе од бројката на вагата?“
Подоцна, таа и самата ја откри нејзината тежина. Меѓутоа, наместо во килограми, оваа дама ја изрази на следниот начин:
„Еве колку тежам. Прекрасна врска. Одлични пријатели. Се смеам секој ден. Си ја обожавам работата. Чесно заработувам. Финансиски сум независна. Се борам за правата на жените. Ги сакам своите „свадбарки“. Се љубам себеси, наспроти сето она за што медиумите ме учат да се мразам. По ѓаволите со килограмите!“
За кратко време, нејзината позитивна „кампања“ стана вирална, па мноштво кориснички на Инстаграм и Твитер го следеа примерот на Џамила. Инспирирани од објавата, стотици девојки исто така ја илустрираа својата тежина:
„Жени од сите големини, облици, возрасти и припадности ми ги пратија нивните декларации за самољубие, возвраќајќи го ударот на срамот со кој биле преплавени целиот живот.“
Не може, а да не се сложите дека таа е максимално во право. Денешното општество е потполно опседнато со килограмите, телото, облините, висината, изгледот, градите, задниците, целулитот...
„Ни недостасува фокус, бидејќи се концентрираме на погрешните нешта. Повеќето жени што ги познавам, многу порано се будат од мажите, како би се спремиле. Притоа, трошат голем дел од своето време и пари на комплетни глупости. Маникир, педикир, третмани за коса, депилација. Мора да бидеме витки, но со големи гради и задници. Да ѝ пркосиме на гравитацијата. Без дамки, без влакна, без брчки. Со светла кожа, ама и исончан тен. Да сме забавни, да јадеме пица и да пиеме пиво, но никако да немаме целулит. Сите мора да имаме мали носиња, а огромни очи и усни. Се разбира, на слабичко лице, кое пак не смее да изгледа испиено и старо.“
Живееме во свет со искривени вредности, филтери и броеви. Бројки на вагата, бројки на сметката, бројки на Инстаграм. Сѐ помалку сме свои, сѐ повеќе сме сечии. Затоа е и важно кога една млада, успешна и прекрасна ѕвезда ќе ве потсети дека вредите многу повеќе од било кој број. Џамила упати порака и до сите останати славни дами да бидат искрени, па отворено да проговорат зошто изгледаат така како што изгледаат:
„Ако сте правеле операција - кажете нешто. Ако сте на ригорозна диета – кажете и тоа. Не е фер кон другите жени, бидејќи им „продавате“ имиџ на кукли за секс, а се преправате дека вам ви е природно, односно јадењето брза храна и излежувањето по скапи хотели е она што ве одржува убави. Имате влијание. Мора да го користите одговорно!“
Се сложувате ли? Колку тежите вие?!
М. А. | Црнобело