Како да изгледате како дива, а не лоша копија на Ким Кардашијан?
Умерено и со стил – двете основни правила за контурирање до кои треба да се придржувате. Притоа, немојте да очекувате чуда, ниту, пак, да натрупате шминка на лицето, без познавање на техниката.
Порано, контурирањето воглавно го користеа само професионалните визажисти. Но, откако стана „мејнстрим“ техника, благодарение на блогерките за убавина, сѐ почесто можеме во живо да посведочиме за катастрофалните обиди на девојките од нашата околина.
Дури и девојките кои имаат повеќе дар и смисла за шминкање, знаат да претераат во обидот да изгледаат исто како сестрите Кардашијан-Џенер. На помалку вештите со четкиците, пак, на лицето им остануваат видливи кафеави линии, кои изгледаат неуредно и невкусно.
Како да ја избегнете катастрофата наречена лошо контурирање? Ви откриваме во продолжение:
1. Набавете добри производи
Малку распрашајте се и дознајте кои козметички производи се добри, а кои не. Ако лошо се размачкуваат, имаат грд отсјај, или, пак, се сушат и згрутчуваат, на лицето ќе си направите повеќе штета, отколку корист.
2. Одберете ги вистинските нијанси
Немојте да си играте славни визажисти, обидувајќи се да искомбинирате темно кафеава, портокалова, жолта и бела боја на своето лице. За елегантно контурирање, набавете тонови што му соодветствуваат на вашиот тен, односно кои се само за неколку нијанси потемни.
3. Светкавите текстури изгледаат подобро
Доколку не ја познавате техниката, тогаш не бирајте мат бронзери. Лицето ќе ви биде полно со дамки и ќе изгледа постаро. Држете се до текстурите кои фино се слејуваат со тенот.
4. Сѐ е до блендањето
Набавете си добра четка или сунѓерче за блендање, па внимателно отстранете ги сите видливи премини – по тоа вашиот изглед ќе се разликува од аматерскиот.
5. Погледнете се на дневна светлина пред излегувањето од дома
Дали на благото светло во купатилото сте нанеле премногу „малтер“?
6. Прифатете го своето лице
Со контурирање ќе може визуелно да ги стесните образите, да го скратите носот и смалите челото, но не очекувајте чуда – тоа и понатаму ќе бидете вие. Научете да уживате во своето лице. Самодовербата ќе ве трансформира во очите на другите, многу повеќе од килото пудра и хајлајтерот.
М. А. | Црнобело