3-те рецепти за убавина на Пријанка Чопра кои може да ги направите сами (видео)
Во видеото снимено за модниот магазин „Vogue“, поранешната мисица ги сподели своите мали тајни за совршен изглед, откривајќи како на комплетно природен начин ги негува своето лице, тело и коса.
Таа е една од најплатените глумици, голема ѕвезда во родната Индија и мис на светот за 2000-та година. На светската публика ѝ се приближи со улогата на FBI агентка во серијата „Quantico“, но она по што и натаму е најпозната Пријанка Чопра е нејзината раскошна убавина.
Магазинот „Time“ ја вброи во листата на 100 најубави жени во светот.
Кои се нејзините мали тајни за совршен изглед?
Пријанка вели дека наместо скапи козметички производи, секојдневно користи природни рецепти за нега и убавина, кои ги научила од нејзината мајка и баба. Покрај пилингот за усни од морска сол, маската од јогурт и мед за коса, згодната бринета ќе ви покаже и како се подготвува традиционалниот индиски пилинг за тело – „убтан“, кој почнала да го користи во тинејџерските години за да ја смири и хидрира сувата кожа.
Пилинг за усни
Измешајте сосема малку морска сол со неколку капки глицерин и розова вода. Смесата треба нежно да се втрие на усните, а потоа да се исплакне. Преубавата глумица вели дека по овој едноставен третман, усните ќе ви бидат помеки, пополни и со убава природна боја. Доколку бојата на усните ви е нееднаква, тогаш советува во пилингот да додадете и неколку капки свежо исцеден сок од лимон.
Пилинг за тело
Уште еден едноставен рецепт за природен пилинг, кој ќе ја освежи кожата на телото и направи кадифено мека. Се меша една шолја брашно од наут (или целозрнесто брашно), неколку капки лимонов сок и доволна количина павлака за да се добие смеса која е мазна и лесно може да се нанесе на кожата (за потечна мешавина, можете да сипете и малку полномасно млеко). На крајот, се додаваат сосема малку сандаловина и куркума во прав. Се нанесува на целото тело и остава да делува околу 30 минути. На крајот, отстранете го пилингот со вода и истуширајте се.
Маска за коса
Атрактивната глумица ја третира и косата со рецепт од домашната кујна. Во помал сад, измешајте полномасен јогурт, кафена лажица мед и едно јајце. Нанесете ја маската на скалпот и оставете да делува околу половина час, а потоа измијте ја косата со топла вода и бебешки шампон.
Повеќе детали околу самиот начин на подготовка и примена на трите рецепти можете да дознаете од видеото:
М. А. | Црнобело