Хит совет од српски доктор: „Мајката што дои е закон, а сопругот треба да ги преземе сите обврски во домот“
„Главна причина за намалување на количеството на млеко кај мајките доилки е стресот“ - Српскиот педијатар и гастроентеролог д-р. Војислав Перишиќ говореше на оваа тема во српските медиуми и изнесе неколку клучни работи што се мошне важни за мајката и за бебето.
Д-р. Војислав Перишиќ е педијатар и гастроентеролог со долгогодишно лекарско искуство кој стручно се усовршувал во Англија и во Јапонија. Во моментов тој работи како редовен професор на Медицинскиот факултет во Белград на катедрата за педијатрија.
Тој често гостува во српските медиуми, а деновиве говореше за тоа кои се клучните работи што таткото треба да ги направи за да ѝ помогне на мајката да има доволно млеко за своето новороденче.
Според него за нивото на млеко кај мајките неопходно е да се намали стресот за родилките:
„Кога мајката ќе си дојде дома, таа треба да биде и добра мајка (за бебето да напредува треба да го дои), па треба да биде добра сопруга и добра снаа, да чека гости. Родилките добиваат толку многу обврски што не знаат од каде да почнат.
Но, најважно е таа да има доволно млеко за бебето. Значи, мајката мора да се опушти, да се одмори, да се создадат услови за неа. Најважно е таа да се одмори и психички и физички за да може да го дои бебето, а особено во првите три месеци, што се најважни.
Стресот на мајката е главен фактор што влијае врз тоа да се намали количеството млеко кај мајката. Мајката што дои е закон, а сопругот треба да ги преземе сите обврски во домот за таа да може само да дои и да си игра со бебето“ – вели тој.
Б. С. Б. | Црнобело
фото: depositphotos.com