Кога е премногу ладно за излегување со бебе во зима + 7 совети за облекување на најмалите
Кога се вози во автомобил во зима, бебето или малото дете не смее да носи дебела јакна под ременот од седиштето за автомобил. Постојат повеќе правила за тоа како треба да ги облекувате најмалите за излегување во зима. Кои се тие?
Да се излезе или не? – прашањето е сега.
Стручните лица постојано апелираат дека студеното време и ниските температури не треба да ни бидат изговор за малите деца и бебињата да не се вадат надвор, а родителите ги поставуваат вечните прашања:
„Колку и како да го облечеме детето за да не му студи и кога е премногу студено и не смееме да излегуваме?“
Овие прашања особено се важни за родителите на бебиња, коишто за разлика од малите деца што знаат да кажат дека им е топло или ладно, сè уште не се во можност со зборови да го изразат сопственото незадоволство.
Според стручните лица неопходно е бебињата и малите деца да ги вадиме најмалку по еден час дневно на прошетка и на чист воздух за на тој начин да стекнат имунитет.
Во продолжение проследете неколку интересни податоци што сигурно ќе ви се најдат доколку и вие се соочувате со истата дилема.
Како да се облечете за излегување?
Децата, а особено бебињата се почувствителни на температурните промени од возрасните луѓе затоа што нивните тела сè уште не се во можност да ја регулираат телесната температура.
Кај нив лесно температурата може да се спушти под 35 степени и да се развие состојба на хипотермија.
За да му биде топло, неопходно е да го облечете бебето во повеќе слоеви.
Сепак, имајте на ум, дека на детето не смее да му биде ниту премногу топло, затоа што како што е опасна состојбата на хипотермија, подеднакво опасна е и состојбата на хипертермија (односно прекумерно загревање).
Во главно правилото е следно: Бебето треба да има еден слој повеќе од она што го носите вие и во кое се чувствувате пријатно.
Така, доколку вие се чувствувате комотно со една блуза со долги ракави и јакна, бебето треба да носи боди со долги ракави, блуза и јакна.
Доколку одите на прошетка со количка, облечете го убаво бебето и прекријте го со ќебе или со зимска прекривка и убаво завиткајте го за да му биде топло.
Ако планирате да си играте надвор, освен јакната задолжително е да му облечете и капа и ракавици, затоа што кај бебињата и малите деца најчувствителни се: брадата, ушите, носот, прстињата на рацете и на нозете.