9 важни животни вештини што вашето дете треба да ги научи пред да стане тинејџер
Справување со негативните емоции, простување, љубов кон себе - некои нешта е подобро да се научат уште во детството.
Луѓето се подготвуваат за животот уште од најрана возраст, па вашата задача како родител е да му помогнете нa вашето дете дa ги научи и разбере нештата што ќе му бидат од корист во иднина.
Кога ќе го подготвите детето за предизвиците кои доаѓаат со годините, кога ќе му покажете како да се справува со своите емоции и кога ќе го научите да биде одговорно, ќе му направите огромна услуга и вистински ќе го подготвите за иднината.
Па, погледнете кои се нештата и вештините што вашето дете би требало да ги знае пред да стане тинејџер:
Како да се одбрани во одредени ситуации
Ова, нормално, не се однесува на физички пресметки, туку на проблемите со кои би можело да се соочи мало дете, како лоши деца на игралиште, соученици кои го задеваат и слично.
Детето треба да знае како да истапи за себе ако, на пример, некој му ја земе топката, некој го навредува и други слични ситуации. Истовремено, ако се соочи со проблематично дете кое можеби го заплашува, научете го дека е во ред да побара помош од возрасен, без разлика дали наставник или родител.
Како да се справува со конфликти
Конфликтите помеѓу децата се доста честа појава, дури и ако станува збор за најдобри пријатели. Поради ова, важно е да го подготвите детето за овие ситуации и да му покажете како да се справи со нив.
Објаснете му на детето дека кога ќе настане конфликт со некое пријателче, треба и двајцата да се обидат да најдат решение, а не да се караат. Ако, на пример, и двете деца сакаат да си играат со иста играчка, кажете им дека можат да се менуваат.
Одговорност
Овде спаѓаат многу нешта – од средување на својот неред, па сè до завршување на училишните обврски. Важно е вашето дете што порано да сфати дека мора да биде одговорно и само да се справува со неговите задачи.
Многу експерти сметаат дека чувањето милениче е одличен начин да му покажете на детето што всушност значи одговорноста. Само не заборавајте дека милениците не се играчки и бараат нега, па ако не сте и вие подготвени да се грижите за мачка или куче, немојте да вдомувате.
Како да биде тимски играч
Научете го детето како да се однесува добро кога е со други деца – кажете му дека некогаш ќе треба да ги дели неговите работи, некогаш ќе треба да направи компромис, како и дека треба да ги почитува другите и да ги зема предвид и нивните чувства.