Медицински феномен: По две деца, докторите откриле дека жена носи близнаци во две матки
Феноменот со две матки не е ништо ново. Медицината има податоци дека на една во 30.000 жени може да им се случи да имаат две матки и две грла на матките, состојба што се нарекува uterus didelphys.
Но, медицината досега немаше податок за две близначиња родени во две матки. Проследете ја приказната на Британката Кели Феирхрст, која во екот на светската пандемија била бремена со близнаци во две матки.
Денот кога се породив имаше 24 луѓе во собата, а најголем дел од нив беа фасцинирани медицински студенти. Во 10 и 11 часот гледаа како мојата ќерка Бони дојде на свет, а пет минути подоцна гледаа како излегува Вотсон од другата матка.
Близнаците не ни беа првите деца. Нашата најстара ќерка Агинес беше родена два месеци предвреме во 2015-тата година, но лекарите рекоа дека предвременото породување е вообичаена појава.
Кога останав бремена со Маргот, која е родена 6 недели предвреме во 2017-тата, испитувањата покажаа дека имам подвоена матка во форма на срце, но никој не ја забележа втората, раскажува Кели за Guardian.
Таа напоменува дека иако близнаците биле застапени во семејството од двете страни, баба ѝ била дел од тројка, а сопругот Џош имал братучеди близнаци, сепак кога дознала дека носи близнаци во 12-тата недела од бременоста била шокирана.
Уште повеќе се изненадила затоа што на ехо-тестот се видело дека не само што носи две бебиња, туку и дека има две матки. Лекарите биле збунети од ситуацијата.
Од она што го дознала, и што постои како податок, се случува на една во 30.000 жени да имаат две матки и две грла на матките, состојба што се нарекува uterus didelphys. Но, како што напоменува Кели, не постоеле податоци за досегашен случај со близнак во секоја од матките посебно.
Како што подоцна им појасниле лекарите, шансите да се забремени со близнаци во двете матки се еден наспроти 50 милиони.
Кели раскажува дека по ова, таа и сопругот морале секоја недела да патуваат од Есекс во Лондон на специјалистички прегледи, а поради рестрикциите со Ковид сопругот морал да чека во автомобилот постојано.
Оваа бременост медицинските лица ја сметале за високоризична токму поради тоа што ништо не им било познато, а се очекувало дека породувањето може да се случи по 20-тата недела.
Исто така ѝ рекле дека постои ризик да ги изгуби двете бебиња, па и понудиле доколку сака да го абортира едното бебе со цел да му даде поголеми шанси на другото, но таа не прифатила.
„Ниту една мајка не сака да се соочи со таква одлука“, пишува Кели и додава дека лекарите исто така претпоставувале дека таа би можела да помине низ две посебни породувања.
Но, на крај и покрај непроспиените ноќи, стравувања и претпоставки сè поминало добро.
Кели се породила во 35-тата недела од бременоста со царски рез. На 23-ти октомври минатата година биле родени близнаците Ватсон и Бони.
Кели нагласува дека од нив било побарано нивната приказна да биде искористена во медицински списанија.
Лекарите незнаат како никој претходно не ја забележал нејзината состојба, но како што вели, тоа што не знаела во претходните бремености можеби било и благослов, се спасила од непотребни грижи.
Б. С. Б. | Црнобело