Не, вашето дете не зборува на 9 месеци - на тема: „Што е баблинг (гугање)?“ со логопедот Симона В. Николовска
Многу пред да почне да зборува, Вашето дете ќе комуницира со гугање (баблинг). Овие слатки и навидум безначајни гласови кои бебето ги испушта се многу значајни претходници на говорот кој подоцна ќе се развие.
Во овој период на гугање (баблинг) детето го користи говорниот апарат, ги користи устата и дишењето за да формира звуци.
Ова се преговорни вештини кои бебето почнува да ги развива некаде во вториот- третиот месец од животот. Со гугањето бебето ги раздвижува говорните мускули и го координира нивното движење, дишење, гласот и артикулацијата.
Сè започнува со плачот и викањето, кои подоцна преминуваат во извонредни фази на баблингот.
Фази на гугање (баблинг)
Еволутивниот развој на баблингот строго го следи текот наведен подолу, по возраст.
Доколку забележите отстапка, отсуство на баблингот или вашето дете не го следи природниот тек на развој, консултирајте сè со педијатарот или друг специјалист.
Од 0 – 2 месеци: плаче и вреска
Во оваа фаза, бебето комуницира со плачење , кога е гладно, кога чувствува болка, не се чувствува пријатно, му студи или му е топло.
3 – 4 месеци
Во овој период бебето го користи својот говорен апарат за да формира едноставни гласови, насочени кон Вас или блиската околина.
Во оваа фаза важно е да му возвраќате на гугањето, да му се смешкате и да воспоставувате контакт со очите,да создавате нови врски помеѓу Вас.
5 месеци
Почнува вистинското гугање. Бебето испушта едноставни звуци во слогови како ба, да, ма, та.
Почнува да експериментира со висината, јачината и интензитетот на гласот.
6 – 7 месеци
Вистинскиот баблинг започнува, бебето почнува да ги дуплира слоговите, ба-ба, ма – ма. Честопати родителите и блиските членови на семејството се среќни што бебето им се обратило, но вистината е дека зборовите со значење се јавуваат многу подоцна.
Во оваа фаза бебето почнува да го контролира движењето на говорниот апарат и гласот, па гласовите кои ги испушта се почисти и појасни.
8 – 9 месеци
Бебето почнува со варијабилен баблинг, односно почнува да ги комбинира слоговите (ба да де). Може да се случи да имитира звуци од предметите во опкружувањето. Затоа е важно во периодот на гугање да му понудите играчки кои произведуваат најразлични звуци.
10 – 11 месеци
Бебето почнува да зборува жаргонски со користење на комплексно гугање. На пр: дада ба ма да. Во оваа фаза бебето имитира, менува фацијална експресија додека зборува, го менува волуменот на гласот и користи гестови.
12 месеци
Вистинските зборови се појавуваат во овој период и траат и се развиваат во текот на неколку месеци подоцна. Во првата година од животот детето има најмалку 3 зборови кои ги употребува константно. Рецептивниот односно внатрешниот говор кај детето е многу подобар.
Со оглед на тоа што ги користиме истиот апарат и истите мускули за џвакање на храната и за зборување, ова е одличен период да преминете од кашеста кон цврста храна, која бара да биде џвакана од страна на детето.
На тој начин ја зајакнувате артикулативната мускулатура, чиј тонус подоцна е потребен за коректен изговор на многу од гласовите.
Користете ја секоја прилика да го стимулирате детето, да го изложите на различни звучни дразби, да се забавувате и да учите нови зборови.
Логопедот Симона Василеска Николовска може да ја следите на Инстаграм.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.