Мајки, ви благодариме што од куќата правите дом
Мајките кои работат и чуваат деца заслужуваат орден. Орден за храброст, за издржливост, за неисцрпната сила и медал за освоено прво место во сите можни улоги: сопруга, мајка, жена, работник. Алфа и омега, почеток и крај на сè во животот – тоа е жената.
Да се навратам конкретно на мајките кои одат на работа, а по завршувањето на работното време дома се соочуваат со хаосот наречен дом. Оние грижливи жени кои се обидуваат да ги доведат нештата во ред, иако понекогаш кришум плачат поради помислата дека не успеваат во тоа, да го одржат домот беспрeкорно чист, а сите останати работи перфектно совршени.
Не плачете убави жени, вие сте веќе победници. Жонглирате со толку многу работи истовремено, сосема е нормално кога не е сè под конец.
Пред неколку години ми доделија едно малечко срценце на чување цели 3 дена. Беше мила и бесна истовремено, со огромни сино-сиви очиња како џамлии кои не можеш да не ги засакаш. Ни оставија цел план испишан на хартија како треба да се чуваме, и мене ми изгледаше смешно и лесно истовремено. Смешно – да, лесно – богами не.
Ме предупредија дека мора да испие мала лажичка од сирупот секој ден, но дека не го сака и се противи. Некако успеав да ја прелажам со авиончето фиу-фиу, па прво сркнав јас и направив фаца која укажуваше дека сркнувам мед или кремче. Малечкото збудале од среќа и посака да сркне. Кога го голтна грдиот сируп почна да плаче, да ме мава со рачињата, а подоцна додека ми беше уште лута, имитираше звуци на испуштање гасови.
Одеднаш ја снема. Никаде не можев да ја најдам. Се чудев како можам да изгубам мало детенце во минијатурен стан од 35 квадрати со заклучена влезна врата и малечко кое не може ниту одблиску да ја дофати кваката.
Ја најдов удобно седната во големиот плакар. Се скрила и патем ја наполнила пелената. Почнав да се смеам додека ме заплисна ужасна миризба на бебешки каки, а малечкото срце се навреди и почна да плаче. Ми падна криво, почнав да ја разубедувам дека секому може да му се случи.
Откако се смири, го баталивме млекото. Јадевме солени палачинки наполнети со сè што најдовме во фрижидерот, мајонез, шунка и кашкавалче. Со полни мешиња, го пуштивме омилениот цртан со српска синхронизација. Не можам и денеска да сфатам зошто од 20 цртани го сакаше само тој, и го изгледавме најмалку 10 пати вечерта.
Дојде скоро полноќ, јас капната мижуркам, срцето ја повторува синхронизацијата истовремено со ликовите од цртаниот... „Ма нееемој да будеш зликовац“... и нема крај.
„Бебе, те молам спиј, уморна сум“. Молам, додека детулето ми се смее со ококорени очи. Се откажувам, сум потонала во сон и немам поим што се случувало потоа. Веројатно истиот цртан 11-ти пат по ред.
Нежно ми го тресе рамото додека сонцето се пробива низ завесата. „Дај вода“. Какво будење, веројатно ожеднела од нашите солени палачинки.
Дежа ву, истиот ден од почеток, играње, дремка, јадење, промена на пелена, сирупот и авиончето, дремка, нова пелена, прошетка на лулашките, плачки, сокче, млеко, смеење, трета пелена. Дома, бањање, борба со чешелот, звуци кои имитираат прдеж, нови палачинки, овојпат со кремче...
Целосно исцрпена и скоро падната во кома, третиот ден ја пакувам и ја носам дома кај мајка ми. Плачам затоа што сум уморна, затоа што се чувствувам како неуспех, затоа што не издржав ниту три дена.
Мајка ми ме прашува како ќе сум се справела ако одам и на работа и треба да се грижам и за домот и за сопругот? А, ако имаш и второ дете? А кога ќе се грижиш за себе, во целиот тој процес?
За да бидат другите среќни, треба прво жената да е среќна, нели?
Па, мајки, хероини, борци, со огромни срца и топли души, ви благодариме.
Ви благодариме што сте неуморни и храбри и што не се откажувате. Што премолчувате и ја толчите болката за да не ја види вашето малечко. Што секогаш ги ставате потребите на саканите на прво место пред вашите, иако некогаш сосем малку себично треба да си посветите време само на себе.
За сите непроспани ноќи, за сите жртви, за секоја солза и насмевка...
Ви благодариме што од куќата правите дом, а од мажот и детето - семејство.
Ви благодариме што постоите, бидејќи без вас би биле изгубени и расфрлени ѕвездички, наместо магични соѕвездија...
(О)Милена | Црнобело