До која возраст детето треба да знае да ги каже гласовите „Р“ и „Л“?
За да кажеме кога едно дете треба да има правилен изговор на одреден глас, прво треба да ги знаеме нормите, односно што е она што едно дете треба да го има како достигнување во својот развој, за да биде подготвено да има чиста и јасна артикулација (изговор на гласовите).
Први гласови кои се формираат уште во доенечкиот период кај бебето се вокалите. Преку гугањето бебето го вежба својот говорен апарат со тоа што испушта вокали и со тоа прави вокална игра.
Преку вокалната игра или преку различните начини на плач и вокализација, бебето ги искажува своите потреби, глад, нелагодност, студ, жештина, задоволство итн. А, родителот преку таа карактеристична вокализација или плач, може да добие впечаток што е тоа кое сака неговото бебе да му го “каже”.
Важно е во првите месеци во животот да се следи фазата на вокализација, подоцна баблингот кај дечињата.
Некаде околу првата година од животот детенцето почнува да го кажува првиот збор со значење, насочено кон целта.
Понатаму, говорот и јазикот се развиваат односно се збогатуваат.
Постојат неколку важни работи за формирање на гласовите, на кои треба да се обрне внимание од најрана возраст, а тоа се:
1. Оштетувања на слухот.
2. Расцепи на усните, тврдото и мекото непце.
3. Разни малформации на говорните органи.
4. Вкрстен загриз и други.
5. Многу кратка подјазична врвца (френулум).
6. Целокупниот ментален и говорен развој на детето.
7. Исхраната и џвакањето кои ни се претходници за развој на говорниот апарат.
Секако не смееме да ја заборавиме и соодветната стимулација која детето треба да ја добива од своите родители и најблиски.
Гласот „Л“ се очекува да се добие некаде околу 4-тата година, додека гласот „Р“, поради својот комплициран изговор кој бара добра подготвеност и одлична орална моторика и зрелост на детето, се очекува да се добие околу 5 – 6 годишна возраст.
Пристапот за корекција или добивање на овие гласови е индивидуален кај секое детенце, од причина што секое дете има различен причинител кој довел до задоцнет или оштетен развој на гласовите.
Доколку Вашето дете има потешкотија со изговорот на овие два гласа, или пак има неправилен изговор па гласот Л го заменува со В или W, или пак гласот Р се изговара на француски начин, каде детето ја користи увулата за изговор на гласот Р, ја заменува со Ј, Л или друг глас, време е да побарате логопедска поддршка после неговата 5-та година.
Логопедот Симона Василеска Николовска може да ја следите на Инстаграм.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Прочитајте и: Игри за стимулација на говорот кај децата со логопед Симона В. Николовска
фото: depositphotos.com