Го посетив Колмар, шареното гратче во Франција – нема директен лет од Скопје, рестораните се скапи, но се чувствував како во Дизни бајка
Велат: „Патувањето е единственото нешто што се купува со пари и нѐ прави побогати“, а јас ќе се согласам целосно, бидејќи за мене патувањето претставува вистинска терапија.
Малите гратчиња секогаш во себе носат посебна магија, па затоа овојпат се одлучив за Колмар – прекрасно шарено гратче во Франција кое неодоливо потсетува на бајковито „ќоше“ од Дизни приказните.
Сериозно, ова магично француско гратче ме натера да се чувствувам како да сум дел од филмскиот сет на „Убавицата и ѕверот“ и не залудно се вели дека токму Колмар е едно од местата што ја инспирирало оваа бајка.
Овој мал град е дел од живописниот регион Алзас и се наоѓа блиску до границата на Франција со Германија. Всушност, во текот на историјата овој регион им припаѓал на двете земји и имал владетели од двата региони што дополнително го „зачинува“ градот со уникатен спој на архитектура и мешавина на повеќе култури.
Низ уличките со калдрма се протегаат полудрвени, шарени куќички и повеќето од нив датираат од 14 век.
Фасадите се класично германски, но имаат елегантни француски ролетни. Локалното население зборува француски, а пекарите се полни со кроасани и чоколади.
Жителите со право се горди на своите атрактивни домови кои се украсени со саксии со разни шарени цвеќиња, светилки и знаци од ковано железо и интересни украси.
Колмар е мало и компактно гратче за истражување, па можете лесно да поминете цел ден талкајќи и восхитувајќи се на неговата архитектура.
Најживописната област на Колмар е таканаречената „Мала Венеција“, краток, но шармантен канал со реката Лауч каде можете да се возите со мало чамче и да ја искусите живописната убавина на градот.
Во минатото, трговците ја пренесувале својата стока токму долж оваа река. Цените по човек се движат околу 7 евра за тура од 25 минути, а за деца билетите чинат помалку.
Како љубител на Дизни, особено внимание ми привлече фонтаната Швенди, дизајнирана од Огист Бартолди во 1898 година. Иако официјално не е фонтаната што ја инспирирала онаа прикажана во „Убавицата и ѕверот“, таа е толку необично слична што е една од најдобрите туристички атракции во Колмар за обожавателите на Дизни.
Исто така, посебна е и готската црква Свети Мартин со својот шарен покрив со плочки и од 13 век.
Како и самиот Алзас, локалната кујна на Колмар ги меша француските и германските влијанија. Дефинитивно не треба да пропуштите да пробате flammekueche (пица со тенка кора прелиена со сланина, кромид и крем фраиш) и да вкусите чаша француско вино Мускат или Гевурцтраминар.
Рестораните знаат да бидат скапи и локалната кујна не е идеална за вегетаријанци.
Доколку сакате да стигнете до Колмар, наједноставни и најекономични опции со авион се следниве: лет до Цирих, Базел или Штутгард, а потоа околу еден час возење со некоја од алтернативите на јавниот превоз.
Возењето од аеродромот во Базел до Колмар е околу еден час со автомобил.
Доколку најпрвин планирате да го посетите Париз, оттаму ќе ви требаат нешто повеќе од два часа со брз воз или пет часа доколку патувате со автомобил.
Повеќето посетители поминуваат само еден ден во посета на Колмар бидејќи е навистина мало гратче, но доколку имате прилика вреди да останете барем една ноќ.
Не постои лошо време за посета на Колмар. Поради мноштвото фестивали, вклучително и Меѓународниот фестивал во Колмар и Саемот на вино во Алзас во јули, градот е навистина полн во лето.
Зимата е студена со просечни минимални температури малку под нулата, но божиќните базари се едни од најпопуларните. Светкавите улички и прекрасно украсените куќички придонесуваат токму Колмар да е едно од најпосетуваните места токму за Божиќ.
Без разлика за кој период од годината ќе се одлучите, бегството до ова француско гратче ќе ви донесе незаборавни сеќавања и сосема ќе се заљубите во овој француско-германски шармантен спој и начин на живот.
Мила М. | Црнобело