Од мало место во Македонија се преселив во Истанбул – 5 работи кои ми беа културен шок
После луда забава, младите не јадат бурек, туку ориз со пилешко или сендвич со црева од јагне – ова е само една од работите кои ми беа чудни кога дојдов од Македонија да живеам во Истанбул, а има уште неколку.
Иако Македонија и Турција имаат многу сличности, за време на мојот престој таму открив дека сепак Турците имаат неколку работи кои навистина се уникатни.
Сигурна сум дека и многу од вас ги имаат забележано додека биле на патување во Истанбул или други места низ државата.
Турски чај и доручек
Ми беше тешко да се одлучам со што да ја започнам оваа листа, но сепак решив дека тоа ќе биде турскиот чај и турскиот доручек.
Турците навистина го обожаваат црниот чај (секако и туристите) и многу лесно можеш да се навлечеш на оваа навика и да пиеш по 10 чаши чај на ден.
Но, навистина е тешко да се скрати таа бројка, бидејќи како може да одбиете чај од вашиот фризер или од тетката во маалската продавница?
Кога станува збор за турскиот доручек, турскиот чај не смее да биде заборавен, а освен тоа ќе најдете уште многу други работи како погача, ѓеврек, разни видови сирење, кашкавал, маслинки, а омилено ми е така наречениот Sigara Böreği или бурек цигара, кој е полнет со сирење или компир, спанаќ или магдонос.
Улични мачки
Во Турција многу често ќе видите буцкасти мачки низ улиците, особено ако сте во близина на месарница.
Пред некои продавници или ресторани ќе наидете дури и на знак каде што пишува „За нашите пријатели бездомници“, а под знакот ќе најдете чинија со храна или мала куќичка за мачки.
Луѓето често купуваат храна за мачки и ја ставаат низ улиците и ова е нешто што докажува дека Турцитете се топли луѓе, а вакви потези секогаш ми го радуваат срцето.
Во Македонија постојат луѓе кои го прават ова, но се надевам дека еден ден сите ќе бидеме попријателски настроени кон нашите крзнени пријателчиња од улиците.
Во областа Кадиќој во Истанбул дури постои и споменик на една мачка наречена Томбили, која кога умре во 2016 година, жителите се погрижија да биде овековечена во својата омилена поза, лежејќи на тротоарот гледајќи ги жителите како минуваат.
После луда забава, младите не јадат бурек
Обожаваат школки, ориз со пилешко или кокореч, па ако сте на забава во Бешикташ или Кадиќој (кои се многу познати области во Истанбул) сигурно ќе видите полни улици со млади како уживаат во оваа храна после долга ноќ.
Кокореч е вид сендвич направен со црева од јагне. Не звучи многу добро ама верувајте дека после неколку пијалаци, оваа храна е одлична и многу вкусна!
Сигурно се чудите и како можат да јадат ориз во 4 наутро, ама Турците уживаат во оваа улична храна, па дури и јас. Секако дека оваа храна како и школките и кокореч можете да ги најдете насекаде и во секое време, не само во доцните вечерни часови.
Менталитетот на Турцитете
Турците се навистина едноставни и скоро секогаш ги избегнуваат работите кои го прават животот покомплициран.
Често ја користат фразата Boş Ver, што може да се преведе како „нема гајле“, „не се замарај“, „ајде заборави“.
Тие не се нервираат за малите работи кои не функционираат, но уживаат во животот. Би требало сите да живееме така и да го цениме животот малку повеќе, нели?
Во Турција има чувство на заедница, секој ги познава своите соседи, пријателствата се искрени, луѓето се топли и скоро сите работи се случуваат надвор.
Луѓето кампуваат многу често, одат на фестивали, парковите се полни (дури и ако времето е лошо), обожаваат да танцуваат и секако дека сето ова започнува и завршува со турски чај (но, може да заврши и со турска ракија).
Ориентален или стомачен танц
Стомачен танц или ракс шарки (што буквално се преведува како ориентален танц) се смета за уметност која потекнува од Блискиот Исток.
Турците (жени и мажи) обожаваат да излегуваат на места каде што ќе можат да уживаат во вакви видови шоу.
Освен за време на викендите, луѓето излегуваат и другите денови, па секојдневно можете да се насладите на една традиционална вечер со прекрасни танцувачи и одлична атмосфера во некоја турска меана.
Ова е типичен танц наменет за жени, но честопати имам видено и мажи кои танцуваат.
Ми беше чудно, но секојдневно забележувам дека има поотворен поглед кон многу работи за разлика од Македонија.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. Г. | Црнобело