„Иранска Кападокија“ – уникатно село каде што жителите живеат во издлабени вулкански карпи (фото)
Во Иран има мало древно селце кое денес е дом на околу 600 жители кои живеат во карпи претворени во удобни домови, од кои некои се стари повеќе од 700 години. Бидејќи премногу наликува на Кападокија во Турција, местото неретко е нарекувано и „иранска Кападокија“.
Селото Кандован се наоѓа во северозападниот дел на Иран во областа Оску и поради уникатниот изглед е мошне популарна туристичка атракција.
Домовите се издлабени во вулкански карпи, слични на оние во Кападокија, па местото често е споредувано со атрактивната турска дестинација.
Но, Кандован е дефинитивно поинтересно место бидејќи издлабените домови сè уште се населени.
Домовите имаат од два до четири ката и наводно се многу издржливи, но и енергетски ефикасни.
Во текот на зимата, жителите не треба да трошат многу за греење, а во лето домовите остануваат ладни поради добрата изолација од карпите.
Не е познато како точно луѓето почнале да ја населуваат областа пред повеќе од 700 години, но постојат неколку забавни теории.
Пред многу, многу години, областа всушност била езеро. Кога водата од езерото се повлекла, на површината се појавиле карпите со необични форми.
Според една теорија, првите жители што се населиле во областа живееле на друго место во Иран, а доаѓале во Кандован во текот на летото. Овде почнале да копаат во карпите и да си прават летни домови.
Со текот на времето, сакајќи да го избегнат постојаното селење од едно на друго место, домовите во Кандован ги направиле постојани.
Според друга теорија, првите жители првично живееле во село по име Hilevar, кое се наоѓало на околу 2 километри од Кандован. Кога Монголците го нападнале и уништиле нивното село, тие почнале да прават домови во Кандован и се преселиле таму.
Според третата теорија, првите жители на Кандован биле воини од древни времиња. Наводно, ова место имало одлична стратешка позиција, па воините овде си правеле засолништа, копајќи во вулканските карпи.
Со текот времето, почнале и да живеат овде.
Како што напоменавме, во селото живеат околу 600 луѓе во 168 семејства според попис од 2006 година.
Бидејќи местото станува сè попримамливо и за туристи, овде е отворен и хотел исто така ископан во карпите.
Денес во селото има и други градби, како куќички и мали продавници, но домовите издлабени во карпите остануваат недопрени од времето.