„Бев на викенд на Попова Шапка на тазе снег, возење на моторна санка – зошто топло препорачувам?“
„Се возев на две превозни средства со кои сум немала искуство досега – ратрак и моторна санка, плус ја доживеав Попова Шапка во ноќно издание со чаша црвено вино крај камин и поглед кон терените – едноставно совршено!“
Јога не вежбам, но за шетање сум секогаш ЗА, па така на покана од една пријателка, која е јога инструкторка, јас и уште една „невежбачка“ отидовме на јога викенд со неа и нејзината група јогисти.
Моментално ме боли секое мускулче од телото, дури и оние кои не знаев дека постојат, но полна сум импресии како да сум била не знам каде, а бев на само шеесетина километри од Скопје.
Нормално Попова Шапка е прекрасна, не дека одам првпат, години наназад ја посетувам најмалку неколкупати во сезона, но да бидам искрена за првпат спиев таму и можеби токму во тоа беше магијата.
Поглед кон ски терените навечер со чаша црвено вино покрај каминот, додека надвор температурите се минусни, беше совршено доживување.
Плус, бевме први, пред започнувањето на ски сезоната и турканиците, па крцкањето на тазе навеаниот беспрекорно чист снег под чизмите е бесценето.
Сето тоа надополнето со сауна, со љубезен персонал во локалот каде престојувавме, со искуство како возење со ратрак за првпат во животот, за да не ги носиме сами торбите од комбето, и со најпозитивните жени на свет не може да не биде совршено.
Сите си зрачеа со убава енергија, имаа и младешки лик и авантуристички дух, па кога некоја од нив ќе спомнеше дека има на пример 17-годишна ќерка, не можев да им верувам ниту на очите, ниту на ушите.
Секоја чест! Очигледно јогата си ја има моќта.
Од дома си одлучив дека ќе вежбам само на првиот јога час, а дека на наредниот ќе пијам чај со рум на утринското сонце.
Сепак, чувството по првиот час, начинот на кој ме изрелаксира, направи наредниот ден да стигнам меѓу првите на часот за утринска јога. Се разбира, во текот на денот имаше време и за чајче.
Жичницата и ски лифтовите уште не беа пуштени, немаше скијачи, па терените беа „резервирани“ за нас. Се искачувавме среде стаза нагоре, додека сонцето така убаво нè милуваше што моравме да ги соблекуваме јакните одвреме навреме.