„Се заљубив во Котор - ме освои со смарагдната морска вода и шармот на Стариот град“
Покрај малите плажи, овој мал црногорски град ќе ве маѓепса и со својата средновековна архитектура и старите ѕидини на кои е испишана историјата на градот. Овој град е комбинација на медитеранскиот шарм со југословенски зачин, средновековните ѕидови, моќната тврдина, стари рибарски бродови и прекрасните цркви, плоштадот и малите пазари со сирење, пршута и свежа риба и морски плодови.
Црногорското крајбрежје е одлична дестинација за одмор. Будва позната по лудиот ноќен живот за младите, Суто Море по долгите песочни плажи совршени за семејно летување, Бар и Херцег Нови со старата архитектура и уреден кеј, а Котор плени со својата природна убавина, совршен спој на високите карпи и планини и морската шир, романтичен залив во кој, како во огледало, се рефлектира зеленилото, чиниш се прегрнале шумите и морето.
Смарагдната боја на морето во Котор зрачи со убавина и позитивна енергија, а самиот залив како да е создаден за релаксација и уживање во сончевите денови.
Бев таму пред неколку години и си поминав незаборавно.
Мали, диви плажи со ситни камчиња се раштркани низ заливот, со дебела сенка од карпите, и одличен пејзаж, рајско место за љубителите на мирот и тишината, само звукот на летното ветре и играта на брановите.
Покрај малите плажи, овој мал црногорски град ќе ве маѓепса и со својата средновековна архитектура и старите ѕидови на кои е испишана историјата на градот.
Овој град е комбинација на медитеранскиот шарм со југословенски зачин, средновековните ѕидови, моќната трврдина, стари рибарски бродови и прекрасните цркви, плоштадот и малите пазари со сирење, пршута и свежа риба и морски плодови.
Љубов на прв поглед
Се заљубив во Котор во едно рано пролетно утро, кога бродот полека пловеше низ заливот за да се закотви во малото пристаниште во срцето на градот.
Сум слушала дека заливот е преубав, па морав со свои очи да го видам тоа. Утро, штотуку разденето, со кафето во рака излегов на палубата на седмиот кат, мојата тераса, и едноставно бев маѓепсана од пејзажот.
Нежно зелената боја на дрвјата и тревата се рефлектираше во мирната морска вода, мислев дека пловиме низ смарагд. Мали рибарски бротчиња, стари карпи и островчиња беа наши сопатници.
По завршувањето на договорот (за работа на брод) останав уште дваесетина дена во овој мал град, откривајќи го кое секое негово катче, губејќи се во лавиринтот од мали продавнички во стариот град, ноќно кино на отворено и во долгите прошетки на зајдисонце.
Поглед кој остава без здив
Овој неверојатен поглед и волшебната сценографија во Которскиот залив се најдобрите причини за посета на ова место бидејќи тие едноставно го одземаат здивот.
Со камени фронтални згради со црвени кровови и со нивните шарени, дрвени ролетни, старите цркви, убава заливска вода и не заборавајќи ги огромните планини околу заливот, чиниш негови заштитници - Ловќен, Орјен, Радостак и Добрaштица, ова парче земја изгледа како мал рај обвиткан во зелено руво.
Ако сакате да ги насадите очите со оваа природна убавина, или искачете се на врвот на градските ѕидови во Стариот град или изнајмете кајак или брод и едноставно запловете во бесконечниот зелен рај.
Црква средe море
Она што навистина ме воодушеви во Которскиот залив е црквата среде море, буквално среде море, на мал остров, изграден само за неа.
За да го посетиме овој мал вештачки остров во Јадранското Море плативме за тура со глисер, што вклучуваше посета на блискот град Пераст.
Црквата посветена на Пресвета Богородица на Скрпјело, по која островот го носи името, е изградена во 1630 година од Венецијанците и е еден од најважните културни-историски споменици во Которскиот залив.