„Се заљубив во Котор - ме освои со смарагдната морска вода и шармот на Стариот град“
Според старата легенда островот го изградиле локалните рибари за да ги штити додека се на отворено море. Легендата вели дека тие во морето пронашле икона со Богородица, па дале ветување дека ќе изградат црква на тоа место, иако било среде море.
После секое успешно враќање од пловидба морнарите и рибарите оставале по еден камен, па така, малку по малку, го изградиле островот. Во неспоредна близина е и осторовот посветен на Свети Ѓорги, кој е настанат по природен пат и на него има машки манастир од 12-тиот век, кој не е отворен за посета.
Стариот град – град на мачките
Стариот град во Котор е спој на медитеранска и средновековна култура и архитектура, со траги од барок во многу градби кои се сведок на богата историја на овој црногорски бисер.
Ѕидовите кои го обиколуваат градот заштитнички и гордо и големата тврдина која се протега на ридот, се одлични за прошетка во попладневните часови, а кога сонцето заоѓа, има неверојатен поглед од тој волшебен момент, како огнена топка која полека се губи во смарагдното Јадранско Море.
Православната црква „Свети Никола“, катедралата „Свети Трифун“, саат-кулата и музејот се места кои мора да ги посетите додека сте во стариот град за да дознаете повеќе за неговата долга историја. Лесно е да се изгубите низ тесните камени улици, стари куќи и дрвени порти, многуте мали продавници, ресторани и кафулиња.
Покрај мештаните, Котор е и дом на многу мачки, кои слободно се шетаат по неговите улици, има дури и Музеј на мачки, а на секој чекор можете да видите како некој локалец остава храна. На речиси сите сувенири и разгледници од Котор ќе видите и мало маче, симбол на овој град.
Иако не е толку познат како монденските градови на црногорската ривиера, Котор нуди многу повеќе, бидејќи е вистински спој на културата и историјата, со непроценети природни богатства, национални паркови и кристална морска вода.
Веславме со кајак низ заливот, насладувајќи се на делото на мајката природа, како прав уметник, таа, со сите нијанси на зелена и сина боја го исцртала крајбрежјето на Котор. Мала пауза на дива плажа и брз скок во ледената и кристална вода… прво летно доживување. За спомен, си земав, неколку од многуте школки кои го красеа камено-песочниот брег.
Јас бев сместена во малата населба Доброта, на врвот на ридот, од каде имав неверојатен поглед на целиот залив, кој беше убав во секој дел од денот, и наутро, и на зајдисонце и на дожд.
Долгото крајбрежје е уредено, совршено за вечерни прошетки кои секако завршуваат во еден од многу мали ресторани.
А за мене, одлично беше и киното на отворено небо во стариот град каде се пуштаат црно-бели неми филмови, уживанција во секоја смисла - ноќ, ветер, филм и море.
А како јаготка на шлагот за мене беше Бокељската ноќ, прослава за крајот на летото, со парада на бродови на пристаништето маскирани и декорирани со мотиви од секојдневниот живот, со оркестар кој свиреше од рибарски брод и феноменален огномет кој го одбележи крајот на летната сезона.
Котор е за релаксиран и мирен одмор, за вљубениците во хедонизмот и природата, кои сакаат да ги истражуваат малите крајбрежни села и да ги слушаат легендите од рибарите, да пливаат во ледена вода во Сините пештери и да планинарат додека се насладуваат на морската шир.
За ова или за следното лето, посебно кон крајот на летото, кога метежот се стивнува, а туристите се поретки, топло ви го препорачувам Которскиот залив, како место за одмор и уживање на брегот на Јадранот.
Повеќе фотографии од Kотор:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: приватна архива