Како Швајцарија да се преселила во Македонија – поглед од браната на Мавровското Езеро
Со друштво разгледувавме неколку дестинации каде да се замине на патување од два-три дена и по неколку отфрлени опции и дискусии одлучивме да го посетиме Маврово.
Одамна немав одено во тој крај и штом се најдов во кола со останатите сопатници, знаев дека ќе биде интересно патување. Со една кратка пауза по пат влеговме во Маврово и додека ја баравме вилата каде што ќе бидеме сместени ја поминавме браната на Мавровско Езеро.
Пред нас се наоѓаше контролната кула кај Мавровската брана и еден пријател да не ја свртеше главата надесно, немаше да го откриеме погледот кој навистина ни го направи меракот. Дури добивме и идеја каква фотка да направиме оттука. Но, сето тоа го оставивме за малку подоцна, така што направивме договор да се вратиме на браната непосредно пред зајдисонцето.
Откако ја најдовме вилата, се раскомотивме секој во своите соби, испивме кафе, поминавме до еден супермаркет да се снабдиме со храна и пијалаци и кога сето тоа беше ставено по конец, се одвезовме до точката на која решивме да ѝ се вратиме.
Моравме да чекаме уште триесеттина минути за сонцето да се најде зад планините за да си ја оствариме замислата во глава, па додека чекавме се забавувавме на секој можен начин, меѓу кои и стоење на раце на самата брана. А, имаше и случка кога на еден човек му се расипа колата, па ја истуркавме заедно со него на паркингот пред контролната кула.
Ете, не ни осетивме колку брзо ни помина времето. Додека стоев така, држејќи се за оградата си помислив дека Швајцарија се преселила во Македонија. Како да гледав во еден фрагмент од реалноста која директно извира од една од најголемите планински вериги во Европа – Алпите.
Немаше што повеќе да коментирам, само си повторив дека кога ќе налетам на ваков поглед, доволно е да си повторам во себе: „Е, ова беше добар ден“.
По напуштање на браната, се возевме околу Мавровско Езеро. Ја видовме потопената црква „Св. Никола“, која поради повлеченост на езерото беше достапна за влегување. Имаше и работници кои ја реновираа црквата изградена во 1850 година.
Веројатно и самите знаете дека црквата била потопена кога се донело одлука за создавање на вештачко езеро за напојување на електричната централа. На времето се потопиле неколку делови од селата што се наоѓале таму, а меѓу нив била и црквата во која влегов неодамна.
Потоа решивме да испиеме кафе во еден од хотелите со прекрасен поглед на езерото и кога ги споделивме доживувањата од дента, се вративме во вилата да ја започнеме ноќната дружба си вкусна храна и пијалаци.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело