„Ми недостасува пак да трчам по авион, да одлучам за патување во 5 до 12 и да мислам кај кого ќе преспијам во непознат град“
Ништо не е исто како порано! Да ми кажеше некој пред година дена дека светот ќе го снајде вакво сценарио само ќе му се изнасмеев во фаца и ќе му кажев дека гледа многу Нетфликс.
Корона вирусот нè фати неподготвени до оној степен што почнавме да се сомневаме во искуствата што некогаш ги имаме доживеано. Ако патувањето и постојаното движење за многумина претставуваше издувен вентил, сега остана работите да ги трупаме во себе.
Ми фалат многу нешта од тој период на отворени граници, пасошки контроли и пречкртување на веќе посетени дестинации.
Носталгичен сум спрема моментите кога од денес за утре купував авионска карта и заминував некаде на неколку дена. Или кое и да е патување со донесена одлука во „пет до дванаесет“.
Пред неколку години во Македонија се начекав со еден пријател од Италија со кој се запознав на волонтерски камп во Данска.
Патуваше со автомобил и овчарско куче. Престојуваше кај мене ден-два и кога одлучи дека сака да оди за Истанбул, одма знаев дека требаше да му се придружам.
Тргнавме. Попатно кампувавме во близина на Кавала, а низ Истанбул шетавме колку што нè држеа нозете. Од Капали чаршија, до алтернативниот кварт Караќој, до Сината Џамија … Во секој случај испадна интересно патување.
Фото: Инстаграм - evgenij.houp
Ми фалат моментите кога ќе се мислам кај кој каучсурфер да преспијам. За оние кои не се запознаени, CouchSurfing е платформа на бесплатно сместување по домови насекаде низ светот.
Се регистрираш, бираш локација и праќаш персонализирана порака. Тоа ќе му дојде нешто во стил да одиш на гости кај некого, а претходно никогаш го немаш видено во живо. Нема сомнение, безбедно е. Во изминатите години престојував кај повеќе од 200 различни луѓе и повеќе од 70 различни локации низ светот.
Фото: Инстаграм - evgenij.houp
Колку и да звучи нереално, сакам пак да се најдам во ситуации кога трчам по улица за да не ми побегне автобус, воз или авион.
Од толку многу патувања, само еднаш ми се има случено да задоцнам на аеродром. Тоа се случи во Москва, мислам дека беше септември 2018 година.
Што ако тргнавме пет часа пред полетување, кога заглавивме во ненормален метеж. Само на патот до аеродром со мои очи видов преку десет сообраќајки.
Многу јасно, не нè пуштија да се качиме во авионот за Дебрецин, Унгарија. Купивме нови карти за Будимпешта, па дури после стигнав до крајната дестинација. Иако тогаш воопшто не ми беше забавно, сега се присетувам со уживање.
Фото: Инстаграм - evgenij.houp
Посебно ми фали главење по книжарници низ различни држави. Иако некаде не го разбирам јазикот, предизвик ми е да „сконтам“ за кој наслов станува збор.
Искрено, најмногу знаев да се занесам во книжарниците на Вулкан и Лагуна во Белград. Ама посебно во сеќавање ми остана честата посета на книжарницата Shakespeare and Company во Париз, како и Лело во Порто, Португалија.
Оваа книжарница е тесно поврзана и со Џ.К. Роулинг, автор на Хари Потер. Додека работела како професор по англиски јазик во Порто долго време поминувала во книжарницата, каде што се родиле многу идеи за нејзиниот книжевен серијал.
Фото: Инстаграм - evgenij.houp
Ми фали слободата на непознатите градови, ноќните прошетки додека целиот град спие. Ми прејде во навика да „шпартам“ во доцните часови, на тој начин си давав простор поубаво да го запознам местото.
Еден од посвежите спомени ми е оној од посета на Тел Авив, Израел. Иако мислев дека ќе се чувствувам загрозено, излезе дека ова е град каде што се чувствував најбезбедно.
Тоа е хедонистичко место, вистински град на сегашноста и со неговиот 24-часовен пулс никогаш не мирува.
Нема поубаво чувство да се најдеш сам помеѓу медитерански плажи, згради на три-четири ката, барови, продавници, ресторани и високи облакодери.
Препуштен со своите мисли и бремето кое нема намера да се ослободи од тебе.
Фото: Инстаграм - evgenij.houp
Ех, колку сакам повторно да се наежам од убавините што постојат во светот. Еден таков исечок од минатото е посетата на изгубениот град Петра – едно од седумте светски чуда.
Јасно се сеќавам на најдраматичниот поглед што некогаш го имам видено. The Treasury, познато и како Al Khazna ме воздигна на самото место и очите ми ги наполни со солзи. Да се најдеш таму ќе му бидеш благодарен на животот.
Фото: Инстаграм - evgenij.houp
Ми фалат патувањата од Блискиот Исток и можноста да ја запознам „другоста“. Ситуации што претходно ги гледав на телевизија во еден даден момент од животот сфатив дека и самиот ги проживувам. Спиење во бедуински камп, шетање по песочни дини и јавање камили во мистичната пустина Вади Рам.
Фото: Инстаграм - evgenij.houp
Нема крај на спомени, ама нека остане така. Мора да се разбудиме од ова заспаност, мора да почнеме да го живееме животот со сите сетила и повторно да си всадиме во глава дека ние сме господари на својата приказна.
Искрено се надевам дека 2021 ќе ги помести сопствените граници и ќе ни го врати светот онаков каков што го знаевме пред година дена.
И кога тоа ќе се случи ќе продолжиме да уживаме многу повеќе, правејќи ги истите нешта.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело