„Одевме по земјен пат 7 километри, но водопадите на Бабуна се нешто што секој мора да го види“
Викендите не се за седење по дома. Барем јас лично се водам од оваа помисла и гледам колку што е можно повеќе да се придржувам до неа. Минатиот викенд, знаејќи дека на прсти се бројат сончеви денови, донесов јасна одлука – да ги посетам изворот и водопадите на Бабуна.
Се собравме добра екипа, што од време на време знаеме да направиме некоја тура низ Македонија и пред осум часот го напуштивме Куманово. Возејќи по автопатот го поминавме Велес, потоа Богомила и по изминати стотина километри се паркиравме во спокојното Нежилово, на една чистинка покрај рибникот.
Само што излегов од автомобилот се развртив наоколу, свесен дека се наоѓам во подножјето на Јакупица, позната и како Мокра Планина. Очигледно е и како го добила тоа име, по изобилството на вода што се наоѓа таму.
Со нарамени ранци, сретнавме двајца мештани кои срдечно ни го посочија правецот и по консултацијата со нив започна најинтересниот дел од патувањето. Пешачевме по земјен пат, истиот кој води и до планинарскиот дом „Чеплес“. Патот беше лесен за совладување, а ние имавме за одење околу 7 километри во еден правец.
Иако патот не е препорачлив за автомобили, освен за теренски возила, сепак сретнавме две-три коли кои нѐ одминаа и над десеттина рекреативци кои беа упатени до изворите и водопадите на Бабуна.
Пешачевме околу два часа, повремено правејќи кратки паузи за да земеме здив или да каснеме нешто. Во такво опкружување, станувам молчалив. Кога и да го кренев погледот ме демнеше карпест масив и врвот Солунска Глава.
Самата глетка будеше стравопочит, терајќи ме да се воодушевувам и заплашувам истовремено. Такво влијание врз мене ги има само креациите на природата. Есенските бои дополнително му додадоа надреален приказ на местото, а тишината што скришно се притајуваше ти дава мотивација да продолжиш понатаму.
Кога стигнавме до едни дрвени патокази, моравме да се исклучиме од земјениот пат и да продолжиме по шумска патека. Патот е тесен, добро маркиран и ако добро ги следите знаците речиси е невозможно да направите грешка. Одевме еден зад друг, стопувајќи се со сенките на дрвјата. Соодветни планинарски обувки за овој дел од патот се задолжителни.
Прво се изненадив со колку луѓе се разминавме додека одевме до водопадите. Од деца до луѓе во поодминати години, сите се враќаа со некоја внатрешна чистота, веројатно самите глетки ти помагаа да ги отфрлиш токсичните мисли од себе. Едноставно да се разведриш.
Влажни лисја имаше насекаде по патеката, како и многу скалила за кои треба да употребиш малку повеќе енергија. Што повеќе навлегувавме во шумата, толку повеќе почнавме да го слушаме жуборењето на реката. Во еден момент тоа стана толку силно, што станав нетрпелив да го видам водопадот, скриен зад дрвјата.
По некоја минута, патеката се делеше. Една водеше кон изворите, другата кон водопадите.
фото: Инстаграм - evgenij.houp
Некаде по еден час стасавме. Иако ми се чинеше дека пешачевме помалку. Десетметарските водопадите на Бабуна се нешто што секој мора да го види со сопствените очи. Загледан во млазовите вода кои се спуштаа од карпите, на себе ги чувствував водените капки, кои раздувани од ветерот се впиваа на мојата кожа и облека.
Водата, која истовремено е и питка, беше кочан ладна. Да беше лето, можеби ќе се прелажав себеси и ќе скокнав да се искапам.
фото: Инстаграм - evgenij.houp
Да не звучам патетично, ама она што е скриено од човечкото око во принцип е и најубаво! Тоа е што е. Конечно го маркирав изворот и водопадите на Бабуна како посетена дестинација, што многу долго се подготвував да го сторам тоа. Ама, од друга страна знам дека секогаш ќе постојат неоткриени места, па додека границите се затворени да го искористиме периодот и од откриеме колку што е можно повеќе.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело