Евгениј Хоуп препорачува: 3 места во Македонија за еднодневна екскурзија
Не дека имаше некоја посебна зима од која не можевме да мрднеме од дома, ама во пресрет на пролетта, мислам дека кај сите се буди оној заспаниот трагач што постои во нас. Се разликува од индивидуа до индивидуа, тука нема ништо спорно.
Без разлика од која перспектива гледаме, во најмала рака, сите сакаме да тргнеме на некоја еднодневна екскурзија. Може да се стартува со некоја дестинација во Македонија, а верувајте ги има многу.
За локалитетот Пешти, кој се наоѓа во близина на Велес, кружат секакви легенди, а на многумина им е познат и како македонскиот Колорадо.
Прво треба да пропешачите покрај реката Бабуна, која директно ќе ве одведе до клисурата каде се наоѓаат пештерските отвори. Многумина од нив и воопшто не се достапни, а пештерите Црквиче, Понор, Маркова Црква, Четири Врати, Макаровец, Топла ѝ се познати на јавноста. Интересно е што постојат и пет пештерски цркви.
Оние кои ја знаат местоположбата на црквата Свети Никола, стара повеќе од 600 години, ќе наидат на остатоци од фрески од некогашното подножје на црквата.
Не мора да живеете во близина на Куманово за да решите да ја посетите Бислимска Клисура. Облечете удобни чизми за пешачење и препуштете се патот да ве води сам, додека шетате низ ова природна убавина долга седум километри, за која не знаат многумина. А, на времето само храбрите се осмелувале да поминат низ Бислим.
Освен тоа, има и десеттина пештери и варовнички карпи, па дајте си цел да посетите што е можно повеќе од нив.
Можеби навидум звучи чудно, но селото Град во близина на Делчево и тоа како може да ви го привлече вниманието, посебно тврдината позната како Градиште.
Археолозите и историчарите сметаат дека овој археолошки локалитет е остаток од доцноантичкиот град Армонија.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело