Шармантниот Гент – историско патување со многу пиво и вкусна храна
Велат дека Белгија е преполна со интересни места за посетување, почнувајќи од Брисел со Европскиот парламент и бројните стрипови, Антверпен како историски град и еден од најголемите пристаништа во Европа, Бриж кој наликува на место од сказни, а од многумина е нарекуван и Венеција на север, па сè до шармантниот Гент.
Ова е град, кој почнал да се гради во средина на 7 век на местото каде што се среќаваат реките Лаје и Шелда. Од 11 до 16 век, Гент прераснува во еден од најважните градови во Европа за време на мрачните годините. Денес, овој белгиски град е преплавен со туристи, вкусна храна, голем избор на пиво и ќе ви овозможи историско патување на кое ќе се сеќавате со години.
Оние што често одат во Гент велат дека три дена се доволно за да се прошета градот. Онака, мераклиски да се истражи секоја уличка, без никакво брзање, кога ќе ти се посака да седнеш на пиво во некое кафуле и да не гледаш на часовникот уште колку време имаш пред да се качив во воз.
Да започнеме со овој неверојатен замок, Gravensteen, изграден во 1180 година, кој во последно време служи како музеј на оружје, каде покрај различни оружја кои се употребувале во војни има и справи за мачење од средновековието.
Во непосредна близина на замокот се наоѓа уникатниот кварт Patershol, исполнет со многу ресторани и необични продавници.
Тука е и мостот St Michael’s, кој го овозможува најшареноликиот поглед во Гент. Опкружени сте со интересна архитектура, а самиот мост води до Korenmarkt.
Во Гент ќе имате можност да ја посетите и катедралата St Bavo’s, изградена во 11 век, како и камбанаријата во градот, висока 91 метар, која се смета за највисок објект во Белгија, а многу често ќе може да слушнете и тематски песни, како на пример оние од The Simpsons и Pirates of the Caribbean. Оваа камбанарија е заштитена од UNESCO. И навистина е кул што може да се качите на нејзиниот врв и да го доживеете Гент од една поразлична перспектива.
И како за крај. Не заборавајте да пробате што е можно повеќе од белгиските пива, ги има илјадници. Верувам дека ќе го најдете вашиот омилен вкус!
Автор: Х. Е. | Црнобело