Овој викенд одиме на планинарски марш на Селечка планина
Гласините велат дека викендов температурите ќе бидат пролетни, што е еквивалент на идеална прилика со добро друштво да се замине на планина.
На 15 април со почеток од 8 часот од манастирот Св. Димитрија – с. Селце ќе се организира планинарски марш Томе Темелковски – Влечкарот, организиран од страна на планинарскиот клуб Мамути од Прилеп.
Движењето ќе се одвива во група предводена од организатор и водачите.
„Турата е средно тешка, но секој планинар – почетник може да ја испешачи и да ужива во убавината на Селечката Планина која има меридијански правец на протегање од север кон југ“, изјавува Евгенија Крстевска, член на Планинарскиот клуб Мамути.
На самата планина се изградени неколку планинарски куќарки и скривалишта Домаќинско чешмуре, Рикино менанче, Козјо трло и добро познатиот Планинарски дом Томе Темелкоски- Влечкарот.
„Првата пауза е на локалитетот Домаќинско Чешмуре (10-15 минути), втората пауза е кај карпата наречена Сурато (5-10 минути), трета пауза (за поручек) е местото викано кај Стоговите (15-20 минути), четврта пауза е во Планинарскиот дом Томе Темелкоски каде е обезбеден чај за секој учесник (15-20 минути), а во манастирот Св.Димитрија ќе има планинарско гравче за секого“, открива Евгенија и додава дека ќе го посетат споменикот Устрелец, спомен чешмата на Миле Хаџиристески, окното на неактивниот рудник за ураниум и уште неколку попатни знаменитости.
Како потребна опрема Евгенија препорачува да се набават разгазени планинарски чизми, планинарски стапчиња, облека во согласност со временските услови, капа, наочари и крема со заштитен фактор. Тоа се основните нешта за да може планинарењето да помина во најдобар можен ред.
„Сите планинари, добронамерници и љубители на природата и оние што сакаат да уживаат во природните убавини на Селечка Планина се добредојдени на вториот планинарски марш во чест на чичко Томе“, вели Евгенија со надеж дека споделените фотографии ќе го заскокоткаат авантуристичкиот дух на читателите и ќе ги натера овој викенд да дојдат на заедничка дружба во Прилеп.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело