Јога над Темза, бесплатни музеи: Зошто Лондон е еден од најуникатните градови на светот?
Пријатен јавен превоз
Метро линиите во Лондон само на прв поглед изгледаат збунувачки. Всушност, сè е јасно и добро обележано.
Па, така наместо да давате мало богатство на некој таксист, вие можете да стигнете речиси секаде со метро и да заштедите пари.
Инаку, возачите на црните такси возила мора да минат тешки обуки и да го знаат секој агол од градот. Кога некоја улица е блокирана, тие треба да се сетат веднаш која е вашата најдобра опција за пристигнување до дестинацијата.
Добар начин за движење се и автобусите, но не заборавајте дека на многу линии мора да притиснете на копче за возачот да ви застане.
Бесплатни музеи
Најверојатно на ниту едно друго место на светот нема да можете да видите бесплатно толку многу уметност.
Меѓу бесплатните музеи се: British Museum, National Gallery, Natural History Museum, Science Museum, Tate Gallery, Tate Modern, National Portrait Gallery, London Museum и Wallace Collection.
Во повеќе музеи може да сликате слободно, само без блиц.
Талентирани улични изведувачи
Во оваа метропола на улиците ќе видите музичари, акробати, комичари, двојници на познатите. Уличната уметност во Лондон е воодушевувачка.
За среќа, некои од големите таленти на улиците не минуваат незабележано, па така еден од нив е Rob Falsini, кој бил откриен на улиците, а сега има три албуми и успешна кариера.
Разновиден животински свет
Во Лондон има големи зелени површини, наменети за релаксација, каде живеат и низа различни животински видови. Во познатиот Hyde Park покрај лебедите, гуските и патките, има и папагали.
Се верува дека неколку папагали биле случајно пуштени при снимање на филмот „The African Queen“ во 1951 и оттогаш овие егзотични птици се адаптирале на климата и се размножиле.
Интересни жители на Лондон се и лисиците, кои може да се забележат во ноќните часови во околината на кантите за отпадоци.
С. С. | Црнобело